„Поврзување“ – концерт во Македонска филхармонија


 Во Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе се одржи концертот „Поврзување“. На програмата се Интермецо од познатата опера на Џакомо Пучини, „Манон Леско“ (1892), Концертот за гитара и оркестар „Аранхуез“, најпознатото дело на шпанскиот композитор Хоакин Родриго (1901 – 1999) и Симфонија бр. 4, оп. 90, во А-дур, „Италијанска“ од германскиот композитор, пијанист и диригент Феликс Менделсон.

Диригент е маестра Бисера Чадловска, а како солист ќе настапи еден од најбараните гитаристи Рафаел Агире (Шпанија) на гитара.

Чадловска е оперски и балетски диригент кој и денес го диригира скоро целокупниот репертоар на сцената на МОБ. На сцената на МНТ, како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија – „Чикаго“. Добитничка е на наградата „Георги Божиков“(2015) за континуирана изведба на дела од македонски композитори.

Рафаел Агире е еден од најбараните гитаристи, кој има освоено 13 први награди на значајни натпревари и настапувано во над 40 земји како солист.