Повредени четворица работници при несреќа во фабриката Макстил


Еден работник е потешко, а тројца се полесно повредени изутрината при инцидент во погон на скопската фабрика Макстил. Хаваријата ја предизвикал превртен казан полн со стопен челик, кој истекол откако се скинала една од сајлите која го држела.

Најтешко повредениот е задржан на КАРИЛ, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност, додека останатите тројца се пуштени на домашно лекување.

Од компанијата се огласија со соопштение.

-Утринава во 6;50 часот во погонот челичарница на Макстил при редовни производни активности, поради откажување на дел од опремата на една од дигалките, дојдено е до прскање на течен челик надвор од казанот.Извршен е увид од страна на службата за безбедност и заштита при работа на Макстил и надлежните државни органи и се работи на утврдуввање на причините – соопштија од  „Макстил“.

Во гаснењето на пожарот интервенирале 12 пожарникари од Единицата за противпожарна заштита на град Скопје.

– Во седум часот е примена дојава  од Макстил за истекување течен метал од челичаната. Интервенирано е со четири возила  и 12 пожарникари. Интервенцијата заврши во 8: 40 часот, изјави командантот на Единицата за противпожарна заштита на град Скопје Владимир Симоновски.

Од МВР истакнуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.