Поврат на ДДВ на граѓаните од 1 јули


Системот за поврат на ДДВ на граѓаните пробно ќе биде тестиран во наредните месеци, за потоа, од први јули, да стане редовна постапка од која бенефит ќе имаат и граѓаните и државата.

– Каде и да мрднете, има ДДВ. Ако сметката е 1.000 денари, 180 денари е ДДВ и од тие 180 денари 15 отсто се враќа назад кај граѓаните. Од сите сметки семејствата ќе вратат меѓу 20 и 30 илјади денари годишно – рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Според него, повратот на ДДВ има цел да ја отстрани даночната евазија која официјално е 30 проценти на ДДВ, бидејќи граѓаните нема да купуваат таму каде што нема да добијат фискални сметки. Тој потенцираше дека во моментов скриениот данок е 300 милиони евра, а намерата е меѓу 70 до 150 милиони евра да се врати кај граѓаните, а останатиот дел во буџетот.

Повратот на ДДВ на граѓаните ќе стартува од 1 јули. Според Заев, сите економски параметри се во нагорна линија, напредокот го дава резултатот и покажува дека земјава и економијата се движат во вистинска насока, додаде Заев.

– Вкупно 624 милиони евра странски директни инвестиции, раст на економијата, раст на БДП од 3,7 отсто, раст на индустриското производство само за првиот квартал од 8,8 отсто, зголемен извоз и увоз од ТИРЗ за 27,5 отсто се потврда за вистинската насока по која се движи економијата, односно државата – рече лидерот на СДСМ.