Повозрасните битолчани се дочуваа од вирусот и се вакцинираа


Битола е регионален центар за вакцинација за жителите од петте општини – Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод. Досега се пријавиле 18 илјади лица, а дневно за вакцинација се закажани над 900 граѓани 

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Почна масовната имунизација во Битола. Повозрасните битолчани први ја примија вакцината, велат се дочувале од вирусот и дочекаа да се вакцинираат.
Меѓу првите што се вакцинираше и д-р Димитар Велјановски, 35 години рендгенолог поранешен вработен во Битолската клиничка болница, кој дојде заедно со својата сопруга.

-Готово, вакциниран сум, сакав да се вакцинирам, добро е сè. Ова е процес што е потребен за заштита на населението од вирусот. Ова ќе значи победа над пандемијата, слободно патување… Грешка е ако некој не сака да се вакцинира. Ковидот не го поминав, знаев да се штитам, не влегував во гужви, рече д-р Велјановски.

-Да се заштитам себе си, фамилијата и целиот народ наш, тоа е светски проблем кој што мора да се реши, изјави неговата сопруга.

Меѓу вакцинираните беше и битолчанката Даница Христовска, која за да ја дочека вакцината рече дека и дома носела маска.

-Мора да примиме вакцина за да не се заразуваме едни со други. Досега се чувавме, седевме дома и со маска, рече Христовска, повозрасна битолчанка.

Апел до населението да се пријавуваат на ‘Вакцинација.мк’ и од таму ќе добијат повратна информација за кога ќе биде закажан терминот (Фото: А: Блажевска)

Масовната имунизација започна во 10 часот, во спортската сала на Медицинското училиште во Битола, откако првите термини беа закажани преку матичните лекари на апликацијата „Вакцинација.мк“.

Велјановски порачаa дека нема друг начин за справување со оваа пандемија освен вакцинација.

Битола е Регионален центар за вакцинација за жителите од петте општини – Битола, Прилеп, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод. Досега се пријавиле 18 илјади граѓани, а дневно се закажани над 900 граѓани за вакцинација. Доколку интересот за вакцинација се зголеми, ќе се зголеми и дневната динамика.

-Почна вакцинацијата, со закажани термини на апликацијата. За оваа недела е предвидено да се вакцинира повозрасната популација. Во петок ќе се направи пресек и ќе се движи старосната граница кон помладата популација. Апел до населението да се пријавуваат на ‘Вакцинација.мк’ и од таму ќе добијат повратна информација за кога ќе биде закажан терминот, вели Весна Спирковска, директор на Здравствен дом Битола.

Во целиот процес се вклучени над 100 луѓе, 25 медицински тимови, администрација, како и волонтери на Црвениот крст, кои ќе работат во две смени (Фото: А: Блажевска)

Вчера во Битола пристигнаа 5.000 кинески вакцини, а според планот вакцини ќе пристигнуваат етапно и во наредните денови во Регионалниот вакцинален пункт во градот, каде покрај битолчани ќе се имунизираат и жителите од околните општини. Во целиот процес се вклучени над 100 луѓе, 25 медицински тимови, администрација, како и волонтери на Црвениот крст, кои ќе работат во две смени.

Досега во овој пункт преку апликацијата „Вакцинација.мк“ вкупно се пријавени околу 18 илјади граѓани од целиот регион.

Регионалниот пункт ќе работи секој ден освен недела, од 8 до 20 часот, а се затвора досегашниот вакцинален пункт во ОУ „Даме Груев“ во Битола каде преку матичните лекари со вакцините на АстраЗенека и Фајзер се вакцинираа 2.300 битолчани од повозрасната категорија.