Повлечена кривична пријава за Канческа – Милевска


Иако финансиската полиција утврдила дека поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, нејзиниот заменик и раководителот на Секторот за финансиски прашања му нанеле штета на буџетот од 2,7 милиони евра, Обвинителството ја отфлри кривичната пријава против Канческа – Милевска.

Финансиската полиција утврдила дека осомничените примиле фактури од странската фирма „Светлост театар“ Белград, која не смее да врши дејност на територијата на државава, во кои незаконски бил вкалкулиран данок на додадена вредност од 18 отсто. На овој начин била извршена исплата во странство врз основа на 11 договори за извршување на услуги, стоки и работи реализирани во државава, при што Управата за финансиска полиција проценила дека била нанесена штета на Буџетот во износ од 2.770.640 евра.

Сепак Обвинителството во истрагата утврдило дека фирмата имала отворено подржница во Македонија и единствено утврдиле неправилен тек на парите. Оваа фирма „Светлост театар“ беше ангажирана за испорака и монтажа на опрема и инсталација за во барокната зграда на Македонскиот народен театар.

„Материјалите кои како изведувач требало да ги вгради се увезувале од матичната компанија, а увозните декларации гласеле на име на подружницата. При увозот бил пресметуван ДДВ кој бил плаќан од страна на подружницата како увозник. Вештото лице констатирало дека фактурите доставувани од „Светлост театар“ ДОО Белград, Р. Србија до Министерството за култура биле искажани во евра со посебно искажан ДДВ и со наведена сметка на која треба да биде исплатена сумата. Притоа функцијата на подружницата не била реализирана во целост, со оглед на тоа што фактурите биле изготвувани и доставувани од страна на матичната компанија, наместо од подружницата. На овој начин е создаден неправилен тек на парите. Меѓутоа, со исклучок на определени веќе констатирани неправилности од Управата за јавни приходи во пресметаниот ДДВ на подружницата за извршените работи, други неправилности не се утврдени. За констатираното од УЈП се составени записници, врз основа на кои се изготвени решенија со кои подружницата била задолжена со ДДВ во точен износ и тој износ веќе е наплатен. Со самото тоа не постои штета на Буџетот на државата, ниту каква било друга штета, утврди вештиот наод и мислење“, објаснуваат од Обвинителството.

Поранешната министерка е обвинета и во случајот „Тендери“ кој го отвори Специјалното јавно обвинителство. Таа беше една од осуммина пратеници од опозицијата која го поддржа, односно гласаше за Преспанскиот договор во Собрание и го отворија патот за промена на уставното име по договорот меѓу Македонија и Грција.