Повикан е во полиција родителот на ученикот од Битола што испраќал заканувачки пораки


Родител на ученикот што објавувал заканувачки пораки на социјалните мрежи за соученици и нивните родители, бил повикан во полиција, потврдија од СВР Битола.

-СВР Битола презема мерки по насоки на ОЈО Битола во врска со пријава од родители од ОУ„Стив Наумов“ од Битола. Во врска со случајот во СВР Битола е повикан родител на детето и се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот – велат од СВР Битола.

Вчера се рашири веста дека ученици од седмо одделение не оделе на настава поради заканувачки пораки и наводни списоци што ги правел ученик од седмо одделение и ги објавувал на социјалните мрежи.

По објавувањето на вознемирувачките содржини на социјалните мрежи, родителите на учениците испратиле претставка до Државниот просветен инспекторат. Училиштето, пак, го пријавило случајот во Центарот за социјални работи, СВР Битола и Подрачното одделение за образование. Денеска училиштето го чуваат полицајци.