Повик за пријавување за парична награда за освоен медал на меѓународни научни олимпијади


Фото: Б. Грданоски

Министерството за образование и наука објави повик за доделување парична награда за освоен златен, сребрен или бронзен медал на една од 13-те меѓународни научни олимпијади (International Science Olympiad) на ученикот и на наставникот кој го подготвувал за олимпијадата.

Јавниот повик за доделување на паричната награда е отворен до 31 август 2022. Може да учествуваат средношколци и наставници вработени во средно училиште во земјава кои освоиле медал на меѓународните научни олимпијади во учебната 2021/2022 година.

-Министерството за образование и наука ќе додели, поединечно, на ученикот и на наставникот кој го подготвувал ученикот за олимпијадата, парична награда во износ од 12.000 денари месечно за освоен златен медал, 10.000 денари месечно за освоен сребрен медал и 8.000 денари месечно за освоен бронзен медал. Паричната награда се исплаќа за период од 12 месеци, стои во објавениот повик.

Во него се наведени условите и начинот на пријавување, информации за документите што треба да се достават и се достапни за преземање пријавите и обрасците од изјавите потребни за аплицирање.