Повик за изградба и реконструкција на училишта од буџетот на МОН


Фото: Б. Грданоски

 Министерството за образование и наука објави Повик за доставување барања од училишта, општини и од Градот Скопје за финансирање проекти за изградба, доградба, надградба и реконструкција на училишни објекти на основни и средни училишта. Избраните проекти со кои ќе се подобрат инфраструктурните услови во училиштата ќе бидат дел од Програмата за капитални инвестиции на МОН за 2023 година.

-Училиштето, општината и Град Скопје се пријавуваат со доставување пополнет образец на Барање, имотен лист за училишниот објект кој е предмет на барањето и основен проект. Секоја општина, односно Градот Скопје, може да поднесат повеќе барања до МОН за реализација на проекти. Барањата во понатамошната постапка ќе бидат оценувани и соодветно рангирани од Комисија формирана со одлука на министерот за образование и наука врз однапред утврдени критериуми, информира МОН.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука и ќе трае до 10 август 2022 до 16 часот.

-За сите дополнителни прашања, субјектите за кои се однесува повикот може да се обратат писмено до Одделението за капитални инвестиции, преку архивата на МОН (ул. „Св. Кирил и Методиј“, бр. 54, 1000 Скопје). Министерството упатува апел до училишта, општини и до Градот Скопје да ја искористат можноста и во интерес на учениците и на вработените во училиштата да аплицираат на повикот, со што стануваат потенцијални корисници на средствата кои Министерството за образование и наука ги обезбеди за подобрување на условите за следење и реализација на наставата, наведува МОН.