Повик до Јанша да не го запре финансирањето на државната агенција СТА


Премиерот Јанез Јанша е оптимист дека ширењето на вирусот ќе биде ограничено

 Европската асоцијација на новински агенции (ЕАНА) го повика словенечкиот премиер Јанез Јанша да ја промени одлуката за прекин на финансирањето на словенечката државна новинска агенција – СТА.

Владиното Биро за комуникации (УКОМ) го суспендираше финансирањето на агенцијата се додека СТА не ги достави своите комерцијални договори и документација за да ги „оправда“ субвенциите.

Од СТА велат дека барањето претставува удар врз автономијата на агенцијата, иако државното финансирање на медиумите вообичаено се смета за ризик за автономијата на медиумите.

СТА се финансира на начин што дел од приходот заработува самостојно на пазарот, а дел се обезбедува од буџетски средства.

Во отвореното писмо до Јанша, ЕАНА наведува дека прекинот на финансирањето на словенечката новинска агенција очигледно е неоправдан и може да се толкува само како форма на притисок врз оваа медиумска институција што е „неприфатливо“ и е спротивно на основните принципи на демократските општества.

Словенечката агенција, која вработува околу 70 лица, е финансирана од владата со два милиона евра годишно, што е половина од нејзините годишни приходи.

Словенија, како членка на Европската унија, досега не престана да ја субвенционира работата на националната агенција, која не е подготвена да премине кон целосно пазарно работење.