Повеќето од новите државјани на Германија се Сиријци


Минатата година во Германија биле натурализирани 20 отсто повеќе луѓе во однос на претходната година, а најголем дел од новите државјани се од Сирија. Според Централното биро за статистика, во 2021 година германско државјанство добиле 131.600 странци.
Вкупно 19.100 сириски граѓани добиле германско државјанство, што е три пати повеќе отколку во 2020 година, соопштија статистичарите во петокот.

На второ место по бројот на натурализација се лицата од Турција, 12.200. По нив следат Романците (6.900), Полјаците (5.500) и Италијанците (5.000). Во последната година, лица од 173 земји се стекнале со право на германски пасош.

Секој четврти човек веќе имал пасош од друга земја од Европската Унија. Натурализацијата бара соодветно познавање на јазикот, стабилни услови за живот и по правило минимум престој од осум години.

„Голем број натурализирани  Сиријци се последица на нивната масовна имиграција од 2014 до 2016 година, по што сè повеќе од нив ги исполнуваат условите“, објаснуваат статистичарите.

Сепак, повеќето Сиријци не живееле во Германија осум години пред да добијат државјанство. Просекот е 6,5 години.

Ако сакате да стекнете државјанство по само шест години, можете да го добиете благодарение на „посебниот успех во интеграцијата“, што е овозможено со Законот за државјанство.

А тоа значи – дека особено добро знае германски, успешен е на училиште или на работа, но се занимава и со граѓанско образование. Во такви случаи, државјанство можат да добијат и членови на семејството, иако не живеат во Германија осум години.