Повеќе средства за еколошки и образовни проекти во Општина Аеродром

Фото: Б. Грданоски

Советот на Општина Аеродром го донесе ребалансот на буџетот за 2020 година, со кој се пренаменија повеќе средства за проекти за заштита на животната средина и за подобрување на условите за образование и воспитание на децата, соопшти Општината.

– Заштитата на животната средина претставува врвен приоритет за нашата општина. За таа цел, со ребалансот на буџетот одвоивме средства за четири нови еколошки проекти, со кои очекуваме да се подобрат условите за поквалитетен живот на граѓаните, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

Дополнителните средства, како што посочуваат од Општина Аеродром, ќе овозможат реализација на два нови проекта за хортикултурно и партерно уредување на зелени површини, и тоа на булеварите „Јане Сандански“ и АСНОМ зад ФФМ, како и комплетна реорганизација на комуналната служба.

– Преку ребалансот се обезбедија средства и за изградба на пет нови детски игралишта и за реконструкција и одржување на постојните детски и спортски игралишта, што ќе опфати поставување нови подлоги и нови реквизити, додека улиците во Горно Лисиче ќе добијат хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, посочуваат од Општината.

Покрај еколошките проекти, со ребалансот се предвидени и мерки во борбата со Ковид-19. Секое училиште од општината, додаваат, ќе добие по 500 илјади денари за хигиена и тековно одржување и по 246 илјади денари за награда на наставниот кадар, стручните служби и техничкиот персонал во услови на пандемија, а четири основни училишта ќе добијат проекти и сеизмички елаборати за нивна доградба, во висина од 4 200 000 денари. Исто така, наведуваат од Општината, обезбедени се средства и за образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби од прво до трето одделение во износ од 15 илјади денари.

– Што се однесува до детските градинки, секоја од нив од Општината ќе добие по еден милион денари за хигиена и тековно одржување и 18 милиони денари за одржување и санација на зградите на детските градинки, а ќе се скрати и рокот за доградба на детската градинка „Црвенкапа“, која ќе почне кон крајот на годинава. Исто така, предвиден е и нов проект во вредност од 260 илјади денари, преку кој на учениците со посебни потреби ќе им се овозможат пливачки активности со инструктор, се наведува во соопштението.