Повеќе оздравени од заболени пациенти со Ковид-19, Комисијата бара задолжителен ПЦР тест за патниците од Косово


Фото: Б. Грданоски

Минатата недела се регистирани повеќе оздравени пациенти од Ковид-19, отколку нови позитивни случаи. Се намалува и бројот на смртни случаи, а бројот на тестирања бележи тренд на зголемување.

Според Институтот за јавно здравје, од 10 до 16 август се направени вкупно 11.605 тестирања што е повеќе за 2 062 или 17,8 проценти споредено со претходната недела.

Од направените 11.605 тестирања, нови позитивни на вирусот се 902 односно 7,8 отсто што е тренд на континуирано намалување во однос на претходните недели кога се движеше од 10 отсто, 9,4 и 8,6 проценти.  Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (251 или 27,8 отсто) и Куманово (125 или 13,6 проценти). Во 18 градови во земјава, во наведениот период бројот на новопотврдени случаи е под 20.

Фото: Б. Грданоски

Во однос на старосната структура, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица над 60 години, голем е бројот на заболени од 30 до 39 години, и од 50 до 59, додека најмалку регистрирани случаи има кај децата од 0 до 9 и од 10 до 19 години.

Според министерот за здравство, Венко Филипче, и натаму треба да ги почитуваме мерките за заштита, да бидеме одговорни и да се грижиме за сопственото здравје, но и за здравјето на нашите најблиски.

– Задолжително да носиме заштитна маска, често да ги миеме рацете и да одржуваме физичка дистанца, напиша Филипче на својот фејсбук профил.

Вчерашниот биланс на Министерството за здравство покажа нови 108 случаи на Ковид-19, двајца починати и 112 оздравени.

Од новите случаи во Скопје се 45, во Куманово 18, во Дебар еден, во Штип 11, во  Прилеп и Свети Николе по три, во Тетово, Струмица и Виница по два, во Струга, Делчево и Велес по четири, а во Гостивар девет.

Фото: Б. Грданоски

Вкупниот број ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата е 13.076, оздравени се 9.625, починале 551 лице, а во моментов бројот на активни случаи е 2.900.

Комисијата за заразни болести вчера донесе одлука за воведување задолжителен ПЦР тест за патниците од Косово кои минуваат низ земјава. Транзит-патниците ќе треба да покажат негативен ПЦР тест не постар од 72 часа. Овој предлог ќе биде доставен до Владата.