Повеќе одлични ученици отколку места во гимназиите


 

Метеж од полуматуранти и родители пред скопската гимназија „Орце Николов“, каде што за упис поднеле пријави 404 деца, а во училиштето со конкурсот предвидено е да се запишат 285 ученици во 9 паралелки. Полуматурантите не сакаат да се откажат од нивната одлука да бидат запишани во гимназијата, велат дека го избрале училиштето бидејќи нуди квалитетно образование и е во близина на нивното место на живеење.

„Во име на учениците кои сме пријавени за упис во училиштето ‘Орце Николов’, апелирам да ни се даде шанса да учиме во училиштето кое го сакаме. Сите ученици сме со просек 5,00, сме го постигнале со континуирано учење, со дисциплина, редовност. Еден тест не смее да биде пресуден“, рече полуматурантка која конкурирала за гимназијата.

„Училиштето го бие добар глас. штом сме дојдени тука, сметам дека треба да бидеме примени. Од друга страна, зошто да полагаме квалификациско тестирање кога до деветто одделение сме биле одлични, мислам дека подобро е да отворат уште една паралелка место сега да полагаме. Еден тест не е доволен да даде реална слика колкаво е нашето знаење. Доколку не успеам да се запишам тука, не знам во кое училиште да конкурирам. Втора опција ми беше гимназијата ‘Никола Карев’, ама како што слушам таму се пополниле паралелките“, додаде Ана која сака да учи во „Орце“.

Во очекување да бидат истакнати списоците на огласните табли, кои се примени и одбиени за упис во училиштето и колку ученици ќе бидат на квалификациско тестирање, дел од родителите револтирано побараа нивните деца да бидат запишани во училиштето. Тие бараат Министерството за образование и наука да овозможи формирање уште една паралелка или децата да бидат распределени во постоечките. За нив неоправдано е децата да полагаат квалификациско тестирање зашто и во текот на основното образование полагале тестови преку кои биле проверени нивните знаења, за што добиле и оценки, така што сметаат дека ќе бидат дискриминирани. Собраа потписи против полагањето тест и рекоа дека петицијата ќе ја достават до Министерството.

„Точно е дека бројот на кандидати е многу поголем од квотата предвидена за запишување, уште потешко е што најголем број од децата се со одличен успех. Меѓутоа, знаеме дека бројот на децата се намалил затоа што дел од нив ги повлекле документите и заминале во другите гимназии. Од последните информации што ги имаме, околу 20 деца што се останати надвор од квотата која е предвидена за упис во средното училиште ‘Орце Николов’. Родителите сметаат дека нема потреба од квалификациони испити за децата затоа што согласно законските норми во секоја паралелка треба да има по 34 деца, а во моментов, колку што знам, во гимназијата има по 31 дете во паралелка. Така што тие дваесетина деца може да се распределат во тие девет постоечки паралелки. Знаеме дека од училиштето сакаат да ги запишат децата да учат овде, знаеме дека побарале вчера да се отвори нова паралелка од Министерството за образование, но за жал барањето не им било усвоено. Сметаме дека сега нема да има потреба ни од тоа туку децата можат да влезат во овие девет паралелки. Ќе биде лошо за самите ученици кои веќе се насочиле овде да учат, затоа што ако не бидат прифатени ќе нема каде да се запишат, односно ќе треба да избираат струки што не им се блиски и не сакаат да ги имаат како идна професија. Законски може некој ќе рече ‘кога има поголем број кандидати, треба да се направи квалификациско тестирање’, ама ако гледаме од аспект на човековите права тогаш овие деца се дискриминирани во однос на останатите“, посочи родител. „Ќерка ми е одлична ученичка со многу дипломи освоени на меѓународни натпревари кои за жал не се признаваат, се признаваат дипломите од државните натпревари. Се поставува прашањето зошто општината и училиштата форсираат децата да учествуваат на разни натпревари кога дипломите не се признаени од нашето образование. Не се согласувам да има тестирање, затоа што нивниот труд од девет години паѓа во вода“, подвлече мајка на полуматурантка.

Од вкупно 404 кандидати што се јавиле за упис во двете пријавувања, дури 330 кандидати се со сите петки. Во училиштето в петок ќе се реализира квалификациско тестирање по предметите македонски јазик и математика. Нова паралелка нема да биде отворена, така одлучило Министерството за образование и наука, иако училиштето побарало.

„Од оваа група пријавени, над 80 кандидати си ги повлекоа пријавите, меѓутоа бројката на пријавените со одличен успех остана непроменета. Од околу 330 кандидати, 35 деца имаат над 75 поени и тие нема да полагаат квалификациско тестирање и ќе бидат примени. За останатите 276 ќе има квалификациско тестирање со одлука на Министерството кое ќе се спроведе во петок на 21 јуни. Во вторникот до МОН испративме писмо по мејл и лично вчера доставивме барање да се отвори уште една паралелка, да се решени ситуацијата или квалификационо тестирање. Меѓутоа, не се одлучија да се отвори десетта паралелка и нè известија дека ќе мора кандидатите да полагаат квалификациско тестирање“, рече за „Независен весник“ директорот на СУГС „Орце Николов“, Митко Димовски.

И во скопската гимназијата „Никола Карев“ имало пријавени повеќе кандидати од предвидениот број на слободни места, меѓутоа дел од полуматурантите кои ги немале сите петки си ги повлекле документите, решиле да конкурираат за упис во друго училиште. Во „Карев“ ќе нема квалификациско тестирање.

„Бројот на места е пополнет во гимназијата, согласно како што е наведено во конкурсот. Во прва година запишани се 272 ученици во осум паралелки, а пријави за упис достави 401 кандидат. Дел од одбиените веќе си ги повлекоа документите, дел треба да си ги повлечат. На вториот ден од пријавувањето некои ги повлекоа документите, оти видоа дека многу од кандидатите се одлични со сите патки. Отидоа да конкурираат за упис во другите училишта. Приговори досега не ни се стигнати, можеби ќе стигнат, важно ваква е ситуацијата. Од 272, со сите петки се 145, односно 50 отсто се со успех 5,00, а 30 отсто се со по една четворка, останатите се со две четворки или четворка и тројка. Во нашето училиште нема да има квалификационо тестирање, а јас сметам дека бројот на паралелки во гимназиите не треба да се зголемува“, рече директорката на СУГС „Никола Карев“, Горица Илијоска.

Инаку, в петок освен во гимназијата „Орце Николов“, квалификациско тестирање ќе се полага и во скопското средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и во средното „Димитар Влахов“ во Струмица, велат од Министерството за образование и наука. Конечните ранг-листи со резултатите ќе бидат објавени истиот ден, на 21 јуни 2019 година. Второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 24 и 25 јуни, а резултатите ќе бидат објавени на 26 јуни. Третото пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 1 јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе бидат објавени следниот ден.

Вероника Мароска-Леова