Повеќе од половина од мајките дојат во првите шест месеци од раѓањето на бебето

Педесет до шеесет проценти од мајките дојат во првите шест месеци. Сакаат да дојат 85 до 90 проценти од мајките, но имаат некакви компликации. Токму затоа во примарната здравствена заштита со мајките треба да ги надминуваме тешкотиите со кои тие се соочуваат за време на доењето, изјави денеска претседателот на поткомитетот за промоција, заштита и поддршка на доењето, д-р Мими Кимовска Христова во пресрет на одбележувањето на Светската недела на доење, што традиционално се одбележува од 1 до 7 август.

Мотото на Светската недела на доење годинава е „Да се поддржат родителите за да се овозможи доењето“.

Од општествена важност, посочи таа, е да се поддржи иницијативата на родителите за доењето и таа да се одржи понатаму, бидејќи доењето е најздравата и единствена исхрана која треба да ја прима новороденчето до едногодишна возраст покрај додатоците, што понатаму доведува и до здрава адултна популација.

– Поддршката на родителите ќе се оствари на неколку начини. Државата има акциски план и официјално го почнуваме на 1 август. Ќе се залагаме доењето да биде ексклузивно, како што е предвидено и од СЗО, по препорака на УНИЦЕФ, ОН и сите релевантни институции. Тоа значи до шестмесечна возраст доенчињата да примаат само мајчино млеко, а понатаму да се продолжи до двегодишна возраст, а ако треба и подолго. Во рамки на тоа може да се почне со додавање храна, но не и замена на мајчино млеко, на храна после шестиот месец. Не случајно август е избран за месец на доењето. Во летниов период доенчињата ги зафаќаат вируси со повраќања и дијареја, кои доведуваат до дехидрација, рече Кимовска Христова.

Додаде дека во рамки на нивните активности во средината на август ќе се одржи тркалезна маса, неколку нивни членови ќе учествуваат на дебатни емисии, каде ќе ја објаснат важноста на доењето и дека грижата за мајката и за новороденчето почнува за време на бременоста и продолжува за време на доењето, а ќе бидат поделени и информативни материјали и брошури.