Повеќе од еден месец од првиот случај со Ковид 19 во земјава

Фото: Б. Грданоски

Помина нешто повеќе од еден месец кога во земјава беше регистриран првиот позитивен случај на коронавирусот. Оттогаш бројката секојдневно расте така што според последните податоци потврдени се 259 случаи на коронавирус во земјава, шест смртни случаи и тројца излекувани.

Според министерот за здравство Венко Филипче, зголемувањето на бројката на заразени е очекувано, но добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно што значи дека здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти.

–  Добро е што бројот на случаи се зголемува линеарно, а не експоненцијално, што значи дека секој ден имаме приближно еднакво зголемување, што се уште му дава шанса на нашиот систем за одржливост и можност соодветно да ги прими и амортизира сите пациенти без притоа да бидат пренатрупани нашите капацитети, оцени вчера Филипче на прес-конференција притоа нагласувајќи дека сепак се уште сме во една форма на војна против Ковид-19.

Рече дека престои најтешкиот период во кој се очекува бројот на заболени и на починати да расте.

– За ова сите мораме да бидеме свесни. Денеска имаме и еден млад човек кој почина. Ова е доказ дека вирусот не штеди никој, никој не е имун, ниту заштитен од него. Стануваше збор за најтешката можна форма на клиничка манифестација на оваа болест, рече Филипче, информирајќи за досега најмладиот починат пациент – 31 годишен маж.

Апелира дека заболените не смеат да се стигматизираат, а уште помалку луѓето кои се во државен карантин, за кои рече дека се прегледани од интернист и епидемиолог и оти досега нема ниту еден заболен меѓу нив. Моделот на државен карантин, како што рече Филипче, е модел кој го штити колективното здравје и здравјето на секој граѓанин.

– Овој модел мораме да го поддржиме, за доброто на сите. Ова се луѓе кои ги сместуваме во сосем добри, солидни услови и сите се прегледани. Постои процедура којашто се следи, начин како се постапува со луѓето коишто се сместуваат во карантините. Сите овие луѓе се прегледани од интернист и од епидемиолог, а досега нема ниту еден заболен од болеста од Ковид -19 вирусот, рече Филипче.

Неколку лица кои имале симптоми на болест, се тестирани и истите се негативни, а кај нив е дијагностицирана настинка. Тие, како што информира Филипче, се во рамки на тој карантин, но настрана од сите останати лица.

Разрешница вчера доби и случајот со 66-годишната стружанка која почина од коронавирусот откако не беше хоспитализирана во Охридската болница. Министерот најави разрешување на директорката на болницата во текот на денешниот ден, а вчера, според најавите, на увид во болницата требаше да бидат испратени претставници од Државниот инспекторат за да утврдат евентуално други одговорни во случајот.

За овој случај, предмет отвори и Јавното обвинителство. – Според првичните информации, поради нагло влошената здравствена состојба кај сега починатата пациентка, матичниот лекар  препорачал хоспитализација на Инфективното одделение во охридската болница. Но пациентката и покрај упатувањето, не е примена во болницата, наведе Обвинителството во соопштението испратено викендов.