Повеќе од 900 здравствени работници починаа во САД од Ковид-19


Повеќе од 900 здравствени работници во САД починаа од „Ковид-19“, според базата на податоци „Lost on Frontline“, направена од „Гардијан“ и „Kaiser Health News“.

Преку извештаите, социјалните мрежи, локалните медиуми и синдикатите, тим од повеќе од 50 новинари идентификуваа 922 медицински работници кои починале од „Ковид-19“. Новинарите ги проверуваа и испитуваа околностите на нивната смрт, дали тие имале заштитна опрема и разговараа со членовите на нивните семејства и колегите на работа.

Првичните податоци покажуваат дека многумина од оние што починале немале пристап до соодветна заштитна опрема и дека најмалку 35 починале откако здравствените инспекции добиле поплаки за безбедност при работа.

Досега се објавени и целосно истражени судбините на 167 здравствени работници. Повеќето од нив, 63% (103), не биле белци. Најмалку 31 процент (52) немале соодветна заштитна опрема.

Возраста на здравствените работници кои починале се движела од 20 до 80 години, додека 21 лице (12 проценти) биле под 40-годишна возраст.

Една третина од починатите (53) се родени надвор од САД, 25 од нив биле од Филипини. Повеќето од нив починале за време на првиот бран во април. Најмалку 68 живееле во Њујорк и Њу Џерси.