Повеќе од 7.000 банкари се преселиле од Велика Британија во ЕУ од 2016 година


Повеќе од 7.000 вработени во финансискиот сектор се префрлиле од Лондон во Европската унија како резултат на Брегзит, што е за 400 помалку од проценката дадена минатиот декември, објави денеска консултантската компанија „Ернст и Јанг“ (EY).
Иако вкупниот број е значително помал од 12.500 работни места кои компаниите ги предвидоа во 2016 година, кога Велика Британија гласаше за напуштање на Европската унија, не е исклучен понатамошен раст на преместувањето, според новиот извештај „Brexit Tracker“ на EY , пренесува Ројтерс.
Во исто време, новите работни места поврзани со Брегзит изнесуваа вкупно 2.900 низ Европа и 2.500 во Британија, каде што нешто повеќе од еден милион луѓе работат во секторот за финансиски услуги, се вели во истражувањето.
Понатамошните преместувања би можеле да бидат резултат на проверката на Европската централна банка (ЕЦБ) за тоа дали „брегзитските централи“ отворени од лондонските банки како нивна европска база имаат доволно персонал за да го оправдаат добивањето лиценца за работа, според EY.
Најпопуларна дестинација за преместување на персоналот и отворање банкарски центри е Даблин, а потоа следат Луксембург, Франкфурт и Париз.
Најдобар резултат во однос на привлекување работни места од Лондон, според извештајот на EY, постигнал Париз, каде биле префрлени вкупно 2.800 вработени, а потоа Франкфурт со околу 1.800 и Даблин со 1.200.
Трансферот на средства од Лондон до финансиските центри во ЕУ се уште изнесува околу 1,3 билиони фунти (1,7 билиони долари), се наведува во извештајот.