Повеќе од 530 луѓе побарале медицинска помош по затемнувањето на сонцето во Шпанија


Мадрид – Според досегашните податоци од здравствените служби, немало сериозни здравствени последици директно поврзани со затемнувањето, додека конечните податоци од Канарските Острови сè уште се чекаат, објавува „Индепендент“.

Здравствените власти процениле дека граѓаните генерално ги следеле препораките и правилно користеле заштитни очила.

Најголем број интервенции е забележан во Каталонија, каде што здравствените служби им пружиле помош на 134 лица од среда наутро до четврток напладне, од кои 40 имале проблеми со очите.

Во Мадрид се регистрирани 101 случај, главно поради вртоглавица, проблеми со очите и општа непријатност.

Во Астурија, здравствените центри регистрирале 64 консултации, меѓу кои 18 случаи биле поврзани со симптоми на изгореници од сонце. Во Баскија се обезбедени 58 медицински услуги за помали проблеми со очите, додека во Андалузија се регистрирани 44 посети на итни офталмолошки служби.

Ниеден од пријавените случаи не бил сериозен или не барал хоспитализација.

Во Мурсија, 32 лица биле лекувани за мали проблеми со очите, додека во Арагон биле регистрирани околу 30 случаи, главно за мали повреди и модринки здобиени на местата одредени за набљудување на затемнувањето.

Ла Риоха и Валенсијанската заедница пријавиле по околу 20 инциденти, вклучувајќи проблеми со очите, мали повреди, напади на несвестица и напади на анксиозност. На Балеарските Острови, околу 20 лица побарале помош за проблеми со очите.

Кастиља-Ла Манча регистрирала 22 инциденти, претежно поврзани со екстремна топлина, вртоглавица и паѓања, додека Галиција пријавила 19 случаи кои барале општа медицинска помош. Не се потврдени случаи на директно оштетување на очите.

Кастиља и Леон пријавила уште 10 инциденти, Навара девет, додека Екстремадура регистрирала три случаи на оштетување на видот.

Немало пријавени здравствени проблеми во Кантабрија, Сеута и Мелиља поврзани со затемнувањето.

Сепак, експертите предупредуваат дека отсуството на непосредни симптоми не мора да значи дека нема оштетување на очите. Оштетувањето на мрежницата предизвикано од директно гледање во Сонцето може да стане очигледно дури 24 до 48 часа по изложувањето, а во некои случаи дури и подоцна.

Затоа, службите за итни случаи и офталмолошките служби ќе продолжат да ги следат можните последици од изложеноста на сончево зрачење во наредните денови.