Повеќе од 500 авиони на „Американ ерлајнс“ ќе бидат опремени со сателитски интернет од „Старлинк“


Американската авиокомпанија American Airlines најави голема модернизација на својата флота, со план повеќе од 500 авиони да бидат опремени со сателитски интернет од Starlink, услугата на компанијата SpaceX.

Според најавите, инсталацијата на новиот систем ќе започне следната година и ќе опфати голем број авиони од семејството „Ербас“, вклучувајќи го и модерниот A321neo. Целта е патниците да добијат побрза и постабилна интернет-конекција за време на летовите. Од компанијата засега не откриваат дали во иднина ќе се менуваат интернет-системите и кај дел од флотата на „Боинг“, каде моментално се користат услуги од други провајдери.

Со ова, American Airlines се приклучува на растечкиот број авиокомпании кои инвестираат во подобро интернет-искуство за патниците. Конкуренцијата во авио-индустријата сè повеќе се префрла и на квалитетот на дигиталните услуги, бидејќи патниците очекуваат брз интернет дури и на голема височина.

Во последните години, Starlink стана еден од најбараните сателитски интернет-системи во авијацијата, благодарение на високите брзини и стабилната покриеност. Во меѓувреме, SpaceX продолжува да го шири својот бизнис со сателитски комуникации, а аналитичарите проценуваат дека секторот околу Starlink станува еден од најпрофитабилните делови на компанијата.