Повеќе од 50 држави побарале преговори со САД за тарифите


Повиските тарифи нема да влијаат врз цените кои ги плаќа американскиот потрошувач, изјави денеска директорот на Националниот економски совет на Белата куќа, Кевин Хасет. Да беше така, државите низ светот немаше да им бидат лути на САД, дополни тој. Лути се, продолжи во интервјуто за Еј-би-си, затоа што на нив ќе падне товарот од повисоките тарифи.

„Значи, факт е, земјите се лути и се одмаздуваат – и, патем, „доаѓаат на маса“. Добив извештај од (трговскиот претставник на САД н.з.) минатата ноќ, дека повеќе од 50 земји побараа да воспостават контакт за да започнат преговори, но тие го прават тоа затоа што разбираат дека ќе сносат голем дел од тарифата“, изјави Хасет.

Соочен со контра-прашањата на домаќинот на емисијата, дека берзите, инвестициските фондови, економистите, сите предвидуваат раст на цените, Хасет на кратко призна дека цените на некои производи можеби и ќе пораснат. Но, потоа се обиде да објасни дека тоа не значи пад на стандардот, како што не значело дека стандардот на американскиот граѓанин пораснал во последните децении откако Кина влезе во Светската трговска организација, а пазарот во САД доби евтини производи.

„Ако евтините производи беа одговорот, ако евтините добра се она што прави реален раст на платите, раст на благосостојбата на Американците, тогаш реалната плата ќе пораснеше во овој период. Наместо тоа, (реалната плата н.з.) таа падна, бидејќи платите паднаа повеќе отколку што паднаа цените. Значи, имаме евтини производи во продавница, но имаме помалку работни места, изјави Хасет.

И додека ова интервју на Хасет говори за целите кои САД сака да ги потигне со тарифите, првиот човек на македонската влада кажа дека Скопје веќе е во комуникација со Вашингтон во врска со прашањето. Со тоа, земјава влегува во групата на 50 држави кои разговараат со администрацијата на Трамп по прашањето, при што Мицкоски беше и оптимист за брзо решение.

Трамп ги најави тарифите во средата. Се однесуваат на речиси сите држави со кои САД има трговија. Чекорот на Трамп предвидува 10% тарифа на цел увоз во земјата, плус поголеми тарифи за одредени држави. Северна Македонија „заработи“ една од повисоките стапки – 33%.