Повеќе од 40 граѓани каснати од крлежи
Вкупно 44 граѓани изминатиов период побарале лекарска помош на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби бидејќи биле каснати од крлеж. Ниту еден од нив не е хоспитализиран и сите по амбулантскиот третман биле пуштени на домашно лекување. Од Клиниката велат дека лани на годишно ниво биле прегледани 616 пациенти каснати од крлеж, а најголем број на вакви случаи имало во мај – 210. Причината за позачестени убоди од крлежи се должи на раздвижување на луѓето и животните во пролетниот и летниот период во природата, па затоа лекарите советуваат граѓаните доколку имаат ваков убод да не го вадат сами крлежот, туку да одат на лекар.
„Не секое каснување од крлеж предизвикува болест, така што најнапред потребно е пациентот да се јави во хируршка здравствена установа каде што професионално ќе му биде отстранет крлежот. На Клиниката за инфективни болести би требало да се јават доколку најмалку 10 дена од каснувањето имаат црвенило на кожата во облик на круг кој се шири, покачена телесна температура, мускулозглобни болки, главоболки, исип по телото. Во тој случај, матичен лекар треба пациентот да го упати во специјалистичката амбуланта на Клиниката каде што ќе бидете прегледан, ќе бидат земени лабораториски, серолошки иследувања по протокол и ќе бидете соодветно третиран. Како заштита и навремено откривање на каснувањето од крлеж би советувале секогаш по престој во природа, посебно во овој период да следи самопрегледување, за да се воочат какви било промени на кожата“, посочуваат од Клиниката.
Заболувањата што ги предизвикуваат крлежите се лајмска болест или борелиоза, туларемија, конго-кримска хеморагична треска, дамчеста треска, ерлихиоза, како и во ретки случаи парализа. Девматовенерологот д-р Дејан Филиповиќ од Клиниката за дерматологија објаснува дека е потребно крлежот да остане закачен цели 24 часа или подолго за да ги исфрли бактериите во каснатото место.
„Самото каснување е безболно, што претставува голем проблем да се забележи крлежот, но за неколку часа се појавува уртикарна реакција на местото на боцнување која може, но и не мора да предизвика чешање. Крлежите можат да не бидат забележливи, особено кај децата, неколку часа откако ќе се прицврстат за регија во која видливоста е мала, како што е скалпот. Начинот на пренесување на болеста од крлеж е така што крлежот каснува некое од дивите животни кои се резервоар за бактерии, најчесто од родот Borrelia и ги внесува во своето тело продолжувајќи да бара храна за себе (крв). Го каснува повремено и човекот закачувајќи се длабоко со главата, при што преку својата плунка директно ги внесува бактериите во кожата на каснатиот човек“, вели Филиповиќ.
Тој додава дека најсигурен начин да се спречи каснувањето на крлежот е да се покрие кожата со заштитна облека (долги панталони, чорапи, блуза со долги ракави и капа) во светла боја за да се забележат крлежите, а задолжителна е и употреба на репеленти, односно средства за заштита од убоди на инсекти при секое излегување во природа. По прошетката треба да се провери кожата за евентуално закачени крлежи.
„Секој најден крлеж не смее самостојно и нестручно да се вади (секое смачкување или откинување предизвикува продор на инфективни агенси во кожата на каснатиот) туку треба да се појде кај дерматолог, во рок од првите 24 часа кои се сметаат како безбедни за пациентот. Сите домашни миленичиња треба редовно превентивно да се третираат против крлежи. Дополнителна заштита обезбедуваат репелентите против крлежи и инсекти, а се нанесуваат на гола кожа. За постигнување на максимален ефект, потребно е да се нанесуваат на секои еден до два часа, ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од осум до дванаесет часа), потребно е да се користат според пропишаното упатство бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се сериозни невролошки компликации. Најкритични периоди се од мај до јули кога младите крлежи тешко се забележуваат и се најактивни, но ризичен период се и месеците август и септември кога се активни ларвите“, посочува Филиповиќ.
Вероника Мароска-Леова