Повеќе од 120.000 жртви на Ковид-19 во САД


Милиони Американци ќе бидат заразени со Ковид-19, а бројот на смртни случаи може достигне меѓу 100.000 и 200.000 луѓе, изјави инфектологот Антони Фаучи, советник на американскиот претседател Доналд Трамп

 

Во Соединетите држави бројот на заразени со корона вирус постојано се зголемува, а досега се евидентирани и над 120.000 починати, предизвикувајќи тревога дека најлошото допрва претстои. Новите инфекции се зголемуваат во 23 држави, главно во Тексас, Аризона, Џорџија и Флорида каде што има и повисоки стапки на смртност. Седумдневниот просек на нови случаи е околу 27.000, со што САД се вратија на ниво од мај кога голем дел од земјата беше под строги ограничувања на движењето.

Бројките ги потврдуваат предвидувањата дека олабавувањето на рестрикциите во текот на изминатиот месец и половина ќе предизвика забрзување на инфекциите. Во светски рамки, има повеќе од 9 милиони луѓе кои се заразени со вирусот, а над 471.000 умреле, соопшти универзитетот „Џонс Хопкинс“. Во споредба со Соединетите држави, Европската Унија има седумдневен просек од околу 4.000 нови случаи. Бројот на починати во Европа е околу 193.000.

Бразил, второто најголемо жариште на корона вирус по Соединетите држави, надмина 51.000 смртни случаи од корона вирус, иако се верува дека реалните бројки се поголеми. Земјата се бори со повеќе од 1,1 милиони случаи. Индија и Пакистан, исто така, забележуваат зголемени стапки на инфекции, кои им создаваат големи напори на нивните системи за здравствена заштита. Кина и натаму се справува со појавата на корона вирусот во Пекинг.