Повеќе луѓе веруваат во Никола Груевски отколку во Христијан Мицкоски во анкетата на ИРИ
Доколку сега има избори за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 19, а за СДСМ 11 отсто
Во анкетата на ИРИ од октомври оваа година изненадувачки на врвот на листата на луѓето на кои се гледа најповолно се најде бегалецот од Будимпешта, Никола Груевски. На прашањето „Кога размислувате за луѓето во политичкиот живот, која е личноста во Северна Македонија на која гледате најповолно?“ 8 отсто одговориле дека тоа е Никола Груевски. Пред една година тој процент беше 3.
Неговиот наследник на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како личност кого го гледаат наповолно има поддршка од 6 отсто (пред една година беше 8 проценти), а за премиерот Димитар Ковачевски се изјасниле еден процент помалку – 5 отсто. За Али Ахмети има перцепција од 6 отсто, а за Димитар Апасиев – 3. Исто толкава перцепција од 3 проценти имаат и Стево Пендаровски и Билал Касами.
На прашањето за која партија би гласале ако изборите се следната недела, испитаниците се одлучиле за ВМРО-ДПМНЕ со 19 отсто (лани биле 20), за СДСМ – 11 (лани биле 16), додека за ДУИ поддршката е иста како и лани – 7 отсто. Левица ја зголемила поддршката во споредба со лани од 4 на 6 отсто. Веднаш зад нив е Алијансата за Албанците со 5 и Беса со 4 отсто. Неодлучени се 21 отсто, а одбиле да одговорат 7 отсто.