Поуп: Причина за иселувањето од Балканот не се само парите, туку и политиките
Причина за процентот на популацијата од Балканот што живее во Европа и се сели не се само парите, туку и политиките. Тоа е заради сите вештини и идеи кои произлегуваат кај нив, визијата што ја имаат пред себе, коишто ги мотивираат да одат понатаму и да се движат, оцени денеска Ејми Поуп, генерална директорка на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), при учеството на Преспа форумот за дијалог.
– Она што го гледам на Балканот сега е дека луѓето не само што имаат знаења, вештина и мотивација да го направат тоа, туку дека ќе има многу голема празнина што ќе се случи во идниот период. Тоа е дел не само од Балканот, туку е дел од Европа. Би се обратила до лидерите кои би обезбедиле некаков одговор на ваквите прашања за да можат земјите да се справат со ваквите предизвици. Потребен ни е начин, корекција, алатки, нешто со што ќе можеме да пристапиме кон ваквата средина и ќе почнеме да даваме одговор на ваквите предизвици. Сето тоа не е само за да воведуваме иновации, туку и да реагираме. На овој начин имаме многу сеопфатен пристап и во однос на партнерите и сето тоа зависи од податоците што ќе ги работиме. Тоа треба да бидат политики базирани и водени од податоци. Тогаш сите заедно колективно треба да создадеме одредени стратегии и политики што ќе бидат силен одговор на миграциските политики и настани, рече Поуп, на форумската сесија „Управување со миграциите на релација ЕУ-Западен Балкан: солидарност и споделени обврски“.
Кога ја гледаме европската заедница и општество како целина, укажа Поуп, сите знаеме дека миграцијата е критично прашање што е многу моќно. Во Европа се случува стареење на населението и наскоро 31 процент ќе биде постаро од 60 години. Многу бргу стигнуваме во период иако обезбедуваме средства што доаѓаат од плаќачите на данок дека се намалувваат меѓутоа се зголемува бројот на луѓето што ги користат, а и вештачката интелигенција не е решение што може да го искористиме, иако може да помогне. Но, многу е поважно да развиваме вештини, политики и да пракси со коишто ќе се справуваме со овие прашања, наведе Поуп.
Таа посочи дека бегалците од Авганистан и Сирија заминуваат само со најнеопходните работи што ги имаат и се упатуваат на долг пат за кој што не знаат каде ќе заврши, но оти се надеваат на најдобри можности. Затоа треба да се знаеме како навистина да се справиме со миграциите, да препознаеме што ги поттикнува луѓето да влегуваат во миграции, директно да ги допреме нивните мотиви за сето тоа, затоа што навистина треба да обезбедиме одредени придобивки од тоа и да видиме како тоа ќе го решиме понатака, ќе го ставиме во политики и како ќе се справуваме со сите работи во пракса, укажа Поуп.
Потребни ни се, дополни таа, податоци за да знаеме зошто заминуваат, од кои земји потекнуваат. Сите тие податоци ни се потребни за стратешките политики бидејќи мора да знаеме што се случува сега во овој момент и зошто се случува. Не можеме и неблагодарно е да предвидиме колку миграции ќе се случат, со оглед на она што се случува во Украина не можеме да се ставиме во ситуација да претпоставуваме, рече Поуп.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, која ја отвори сесијата, порача дека миграциите се предизвик за кој е потребен европски одговор, преку заедничка политика, соработка и координација.
Миграцијата, потенцираше министерот, единствено може да се превенира и менаџира само доколку постои силно партнерство и соработка на сите европски држави без исклучок.
– Само европскиот одговор на целиот овој предизвик може да биде вистинскиот одговор и да ги вклучи сите земји коишто и географски и природно припаѓаат на Европа. Европскиот одговор вклучува одговор и соработка со сите страни – и земјите на дестинација и земјите на транзит и земјите на потекло, бидејќи тие се упатени едни на други. Се ова што го правиме заеднички и секој предизвик, кој е заеднички за целиот регион мора да ја прати силната порака до земјите членки на ЕУ дека ЕУ не може да биде цела доколку ги нема земјите од Западен Балкан. Само на тој начин можеме да ја заокружиме стабилноста и безбедноста на целиот европски континент, рече Спасовски.
Директорот на МАРРИ, Сашко Коцев, пак, ја потенцираше потребата од регионална соработка во делот на управување со миграции.
– Ниту еден од Западен Балкан не може сам да одговори на миграциските предизвици, поради што регионалната соработка и соработката со меѓународните партнери се од суштинско значење за понатамошен развој. Време е регионот да направи решавачки исчекор во операционализацијата на обврските дадени од политичките лидери во регионот во делот на миграцијата. Под ова мислам на декларации преточени во конкретни дејствија. Со усвојување регионален пристап и консолидирање на индивидуалните напори, Западен Балкан ќе ги надмине недостатоците и ќе постигне резултати, наведе Коцев.
Началникот на Одделот во Генералниот директорат за миграции и внатрешни работи на Европската Унија, Павел Бусиакиевич, пак, истакна дека соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан во делот на миграцијата е од големо значење, а Акцискиот план веќе дава резултати.
– Солидарноста и партнерството се нужни кога станува збор за миграцијата. Потребна е зајакната соработка во миграциските политики, конкретно во делот на азилот, криумчарење мигранти и граничното управување, рече Бусиакиевич.
На форумската сесија се обратија и министерот без ресор на Црна Гора, Зоран Миљаниќ и министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ. лв/сп/