Потврдени казните за изборното известување на МРТ и Алсат


Фото: Б. Грданоски

Основниот кривичен суд и Апелациониот суд во Скопје делумно ги прифатија прекршочните постапки што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) ги поднесе против медиумите за нивното известување за време на изборната кампања и во периодот на изборниот молк на парламентарните избори што се одржаа на 15 јули.

Апелациониот суд ја прифати жалбата на ААВМУ во однос на висината на казната што беше досудена од првостепениот суд за првиот програмски сервис на Македонското радио поради емитувањето радио прилози со изјава на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за време на изборниот молк.

Бидејќи е прогласено за виновно, Апелација на Македонското радио му ја зголеми глобата од 1.800 евра на 2.000 евра (123.000 денари), а на обвинетиот Марјан Цветковски како одговорно лице во правното лице му ја зголеми прекршочната санкција од 200 на 600 евра (36.900 денари), се наведува во објавениот Преглед на прекршочни постапки на веб-страницата на ААВМУ.

Апелациониот суд во Скопје донел пресуда со која се одбива како неоснована жалбата на ААВМУ против телевизија Телма, која што доби прекршочна постапка затоа што на 13 јули во периодот на изборен молк емитувала изјава на министерот за здравство Венко Филипче. И покрај барањето за глоба од ААВМУ, Апелациониот суд, идентично како и Основниот кривичен суд, пресуди во корист на телевизија Телма.

Основниот кривичен суд-Скопје ја донесе и првата пресуда во однос на прекршочните постапки што ААВМУ ги поднесе за неизбалансирано покривање на изборниот процес. Алсат-М е прогласена за виновна, при што на телевизијата ѝ е изречена глоба од 800 евра (49.280 денари), додека одговорното лице во правното лице е казнето со 200 евра (12.320 денари).

Изречената казна од судот за Алсат-М е поради тоа што во медиумското известување за изборната кампања, во дневниците покриени со изборниот мониторинг на ААВМУ, телевизијата информирала само за активностите на 5 од вкупно 15 учесници на изборите, без притоа да објават информации за вонпарламентарните партии. Исто така, во посебните информативни емисии на Алсат-М биле реализирани интервјуа само со партиите и коалициите што биле дел од претходниот парламентарен состав, со исклучок на ДПА.

Судот допрва треба да донесе дополнителна пресуда за Алсат-М во однос на прекршочната постапка од ААВМУ за прекршување на изборниот молк на 13 јули со објавената изјава на министерот за здравство Венко Филипче, додека телевизија Шења ја чека пресудата по поднесената прекршочна постапка за неизбалансирано известување за време на изборната кампања.