Потврдени 1.405 случаи на Ковид-19 кај странци во Грција од почетокот на сезоната


Албанските државјани и понатаму се први на листата странски посетители во Грција со најголем број потврдени случаи на Ковид-19 во периодот од 1 јули до 27 септември, според официјалните податоци од Генералниот секретаријат за цивилна заштита, јави дописничката на МИА од Атина.

Во конкретниот временски период Грција ја посетиле 4.327.654 лица, а биле направени 569.212 тестови на влезните точки во земјата и потврдени 1.405 позитивни случаи на Ковид-19.

Најголемиот број заразени лица, 1.034 се регистрирани на аеродромите, 343 на копнените граници, а 28 на пристаништата.

Во однос на земјата на потекло на заразените лица, Албанија, Франција, Бугарија, Романија и Чешка се првите пет држави со најголем број позитивни случаи во Грција, односно 48 отсто од вкупниот број потврдени случаи на Ковид-19 кај посетители во земјата.

Позитивни биле 203 државјани на Албанија, 181 посетител од Франција, 107 од Бугарија, 95 од Романија и 87 туристи од Чешка кои ја посетиле Грција.

Од потврдените 1.405 случаи кај посетителите на Грција, активни се 25 отсто, односно 355 случаи.

Од почетокот на епидемијата заклучно со вчера, во Грција се направени вкупно 1.296.795 тестови, регистрирани се 18.123 случаи на Ковид-19, а починаа 388 лица.