Потврдена победата на Бајден во Аризона

САД – Кандидатот на Демократската партија Џо Бајден победи на претседателските избори и во Аризона, соопштија Си Ен Ен и Њујорк тајмс.

Според проекциите, од 99 отсто преброени гласачи ливчиња, за Бајден гласале 49.4 отсто од излезените гласачи, додека за републиканецот Доналд Трамп гласале 49.1 отсто. Разликата е повеќе од 11.000 гласови во полза на Бајден. Победата во Аризона на демократскиот претседателски кандидат уште ја објавија и Вашингтон пост и телевизијата Ен-би-си.

Ашосиејтед прес и Фокс њуз пак, го прогласија Бајден за победник во Аризона уште минатата недела.

Аризона е една од повеќето „колебливи“ држави, каде пребрјувањето на гласовите се одолговлечи поради тесната разлика меѓу Бајден и Трамп и милионите гласови испратени преку пошта. Слична ситуација имаше и во Невада, Пенсиланија, Северна Каролина и Џорџија. Во последните две држави победникот се уште не е прогласен.

Ова е првпат после 24 години сојузната држава да ја добие еден демократ.

Со победата во Аризона, Бајден сега има добиено 290 електорски гласови (за победа се потребни 270), наспроти Трамп кој досега има добиено 217. Северна Каролина и Џорџија даваат уште 31 глас вкупно. И да победи таму, тие гласови нема да бидат доволни за Трамп да ги добие претседателските изборите и биде реизбран на втор мандат.

Според вкупниот број на добиени гласови од избирачите („популар воут“) лидер е Бајден, кој досега има добиено речиси 77.5 милиони гласови, а Трамп има нешто повеќе од 72 милиони. На изборите во 2016 година Трамп беше зад Хилари Клинтон по бројот на добиени гласови од избирачите, но стана претседател бидејќи доби повеќе електорски гласа.