Потрошени милиони, а чист воздух нема


Над 7 милиони евра Градот Скопје одвоил во изминативе 5 години за заштита на животната средина, период во кој метрополата, како и државата се прочуја во светските медиуми како едни од најзагадените места во светот. Но повеќе од половината од оваа сума, или скоро 4 милиони евра, со ребаланс биле пренаменети за други ставки или, пак, префрлени за исполнување во наредни години. Средства за заштита на животната средина одвоиле и скопските општини, но биле наменети за одржување јавна чистота, отстранување комунален отпад, ангажирање консултанти за бучава… Сепак, и покрај ваквите амбициозни потези, конкретни мерки и ефекти за намалување на загадувањето во изминативе години нема. Во Скопскиот Регион годишно се губат 1.205 животи како директна последица од аерозагадувањето и тие бројки на смртност, и покрај зголемувањето на буџетските средства за заштита на животната средина, растат напоредно со загадувањето.

Драган Ѓоргев, кој е долгогодишен експерт од оваа област и претседател на Советот за јавно здравје, досега учествувал во изработката на 4-5 акциски планови за борба со загадувањето. Вели дека ниту еден од нив не се реализирал.

„Сериозноста на акцијата се мери и во буџетот. Ако имате симболичен буџет одвоено за некој акциски план, не очекувајте големи прогреси. Но, ако имате програма и ставка за некој буџет, вие мора да имате индикатори да го мерите успехот“, вели тој. Ѓоргев нагласува дека државата располага со добри акциски планови, но, како што вели, дел од нив останале во фиока. „Последен е Планот за здравје и животна средина кој беше изготвен пред крај на минатата влада кој го работевме интерсекторски. Остана во фиока. Им дојде многу скапо. Ѝ предложивме на оваа влада да го усвои, но сè уште е неусвоен“, нагласува Горгев. Вели дека секоја влада одново почнува со нови планови и стратегии.

Ѓоргев, заедно со д-р Мирјана Димовска, која работи во Институтот за јавно здравје, ја изработија првата национална студија поврзана со ризиците од загадувањето, која е правена по методологија на Светската здравствена организација и други релевантни институции. Во неа, преку вкрстување на податоци од повеќе државни институции и конкретни индикатори се докажува колкав дел од смртноста може да се припише на изложеност на загаденост воздух во Скопје и Тетово.

„Во Скопскиот Регион 1.205 животи се губат поради изложеност на тековните нивоа на ПМ 2.5 честички, додека во Тетово 265. Во Скопскиот Регион, 120 смртни случаи на рак на бели дробови се припишуваат на ПМ 2.5 честичките, што изнесува 39 отсто од вкупната смртност на овие малигни неоплазми, додека во Тетово 19 смртни случаи, што претставува 61 отсто од вкупната смртност од овие малигноми. Проценетото оптоварување со болести од сите причини е највисоко во Тетово каде што годишно се губат 10.343 години на здрав живот, додека во Скопскиот Регион се проценети 30.256“, се вели во студијата „Примена на методите за проценка на ризик во услови на високо урбано аерозагадување во РМ“.

На Електронскиот систем за јавни набавки за последниве четири години се објавени само три тендери за студии за ефектите од загадување на воздухот. Најновиот документ кој го нарачал Градот Скопје е од 12 февруари годинава кога е склучен договор со Градежниот институт Македонија АД за изработка на Локален еколошки акциски план (ЛЕАП) 3 за Град Скопје за периодот 2018-2023 во вредност од 1,67 милион денари. Според договорот, Градежниот институт е должен да изработи ЛЕАП 3 за Скопје и неговите 10 општини, но и да изработи стратегиска оцена на влијанието на планот врз животната средина.

Од Град Скопје, пак, велат дека располагаат со четири инспектори за животна средина. Во последните пет години направиле 904 записници од извршени инспекциски надзори и за целиот овој период изрекле само 11 казни со платни налози во висина од 16.840 евра согласно Законот за животната средина и 3.560 евра согласно Законот за управување со отпадот. Но од град Скопје не кажуваат кого и за што конкретно казниле, ниту пак ги даваат на увид записниците од извршените контроли.

Од сите скопски општини најмногу за заштита на животна средина издвоила општина Карпош – 6,9 милиони евра за пет години. Парите ги потрошила за отстранување на комунален отпад, за набавка на комунално возило, одржување на зеленило и изградба на паркови, субвенции за велосипеди и субвенции за енергетски ефикасни фасади. Но не и за конкретни мерки насочени кон намалување на загадениот воздух. Општината има Катастар на загадувачи.

„Генерална оценка е дека загадувањето на амбиентниот воздух е со тренд на опаѓање и покрај негативните влијанија од деловните субјекти“, велат од оваа општина.При подготовка на Катастарот на загадувачи во 2012 година биле земени предвид емисиите на воздух кои потекнуваат од согорувачки постројки и користење на енергетски капацитети, користење на мазут, нафта за домаќинства, дрва и брикети и многу мала количина на емисии од технолошките процеси. Досега Општината нема изречено казнена мерка за сторен прекршок, и покрај тоа што Карпош во последниве години се најде на тапет во јавноста поради експанзијата на градежни зафати, кои, исто така, придонесуваат за загадување на животната средина. Карпош не поседува план за справување со загадувањето на животната средина и напоменуваат дека надлежна институција за изработка на план за заштита од загадување на воздух е Град Скопје. Но оттаму не ни одговорија на прашањето дали имаат такви планови.

Општина Центар во 2016 година одвоила 3.193.404 денари за заштита на животната средина и тоа за печатење рекламен материјал, ангажирање на консултанти за мерење на бучава и чадни гасови, за инспекциски надзор, како и за субвенционирање на велосипеди. Во 2018 година реализирани се 1.595.488 денари и тука освен за гореспоменатите активности, средствата се искористени и за селекција на отпад. Општина Бутел во период од 2014-2019 година немала буџет за заштита на животната средина, нема катастар на загадувачи ниту, пак, план за справување со загадувањето на животната средина. Нема податоци за извршени надзори на примена на мерки за заштита на животната средина ниту, пак, казнени одредби кои произлегуваат од надзорот. Општина Шуто Оризари во последните пет години има издвоено околу 15 милиони денари за одржување на јавна чистота, подигање и расчистување на отпад, реконструкција на фекална канализација. За неправилности во работењето (загадување) во период од 2014-2019 година извршени се само опомени на правни и физички лица, а тие, како што наведува Општината, не го повториле прекршокот. Општина Шуто Оризари нема катастар на загадувачи и нема план за заштита на животната средина за 2019 година.

Од одговорите на општините евидентно е дека повеќето општини издвоиле средства од буџетот за заштита на животната средина, но тие се искористени за други намени: одржување на јавна чистота, отстранување комунален отпад, за набавка на комунално возило, одржување на зеленило и изградба на паркови, субвенции за велосипеди и субвенции за енергетски ефикасни фасади, печатење рекламен материја, ангажирање на консултанти за мерење на бучава и чадни гасови, за инспекциски надзор и сл. Најголем број општини немаат план за борба против аерозагадувањето ниту, пак, катастар на загадувачи.

Владата најави план за чист воздух, каде што се предвидува намалување на загадувањето во Скопје за 50 отсто до 2020 година, а во другите градови од 30-50 отсто. Предвидени се едукативни кампањи, измена на закони, инспекции и мониторинг на загадувањето. Во најновиот извештај на ЕК за напредокот на Македонија за 2018 година се констатира дека дури ни препораките од 2016 година не се имплементирани. Се потенцира и дека легислативата е скоро приспособена на ЕУ регулативата, но недостига нејзина имплементација.

 

Буџетите во програмите растат, но речникот е идентичен

Буџетите на програмите за животна средина за изминативе пет години постојано расте. Од 3,75 милиони денари во 2014 година, на 186 милиони денари во 2019 година. Но речникот во програмите не се менува. Имено, содржината на програмите за животна средина кои ги изработува Секторот за животна средина на Град Скопје со мали разлики се скоро идентични, посебно за последниве три години. Обичен читател ќе мисли дека станува збор за една иста програма бидејќи воведот во програмата буквално не е сменет ниту во запирка. Мали промени има во однос на проектите кои се применувале од година во година, но речникот во самите програми, како и самите реченици во поголем дел од програмите како да е копиран.

Иванка С. Зивосовска

Жаклина Хаџи-Зафирова

(Подготовката на оваа истражувачка сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на оваа истражувачка сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или британската влада)