Потребно подобрување на надзорот и физичко одвојување на АНБ од МВР


Реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем генерално се направени, системот во моментов функционира, сепак потребни се подобрувања, особено во делот на надзорот на работата на безбедносно-разузнавачките служби, како и во однос на физичкото одвојување од МВР на Агенцијата за национална безбедност.

За подобрување на надзорот, пред се со вклучување на граѓанскиот сектор, потребни се законски измени, согласни се и власта и опозицијата, која пак смета дека е потребна посуштинска измена, не само на еден член за Советот за граѓански надзор, туку носење посебен закон за надзор на службите, со кои ќе се зголемат ингеренциите на оние кои го вршат надзорот, но и ќе се прецизира што е државна тајна.

Ова се генералните заклучоци од првиот панел „Реформите во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Северна Македонија – тековни достигнувања, останати предизвици и идни приоритети“ на годишната конференција во рамки на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026) во организација на ДЦАФ-Женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор.

Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, направени се успешни реформи на безбедносниот систем и успешно функционира системот на следење на комуникациите и на безбедносната служба, но тоа не е доволно и реформите треба да продолжат и понатаму.

– Ние имаме еден дел од законското решение којшто до крај не профункционира, а тоа е граѓанскиот надзор и контрола. И мислам дека тука треба да се насочи сиот капацитет на институциите за да можеме граѓанскиот надзор и контрола да го ставиме максимално во функција. На тој начин мислам дека ќе ја зајакнеме и довербата кај граѓаните во безбедносните служби, односно генерално во безбедносната заедница, истакна Спасовски.

Направени се, рече Спасовски, крупни исчекори во овој процес и формирана е Оперативно техничката агенција во делот на следењето на комуникациите, но неопходна е поголема проактивност во делот на надзорот, пред се граѓанскиот надзор.

Според него е потребно многу малку за да се надмине и профункционира со допрецизирање на законското решение во Собранието.

– Да се стави акцент само на профункционирањето на граѓанскиот надзор, но се отворија и други работи кои задираат во работата на агенцијата, што не е целта на ова законско решение. Сметам дека ние тоа не смееме да си го дозволиме затоа што е назадување, изјави Спасовски.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска освен надзорот на оваа служба треба да се отвори и едно друго прашање, за кое, како што рече таа како министерка е подготвена да се откаже од своето дискреционо право, а тоа е назначувањето на раководител на оваа служба.

-Во Министерството во рамките на основните закони се разбира пропишани се некои правила коишто јас не ги сметам за доволни. Затоа што ако сакаме да го постигнеме она што беше суштината на почетокот на оваа реформа, тоа е намалување на политичкото влијание врз работата на овие служби, во тој случај сметам дека и овој сегмент мора да биде предвид. Така што, ова нека биде со оглед на тоа што од оваа страна на салата гледаме луѓе кои исклучително ги ценам и почитувам за трудот кој го вложиле во делот на безбедносно-разузнавачката заедница се разбира и заштитата на човековите права и чие што знаење секако ќе биде добредојдено, нагласи Петровска.

Претседателот на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и АР, Љупчо Пренџов пред присиутните истакна дека во извештајот на ЕК е нотирано дека има подобрување во однос на претходните години, но додаде дека безбедносно-разузнавачкиот систем во државата има уникатни карактеристики во однос на употребата на специфични методи кои задираат во приватноста и во основните основните човекови права.

Поради тоа овие служби треба да водат сметка за транспарентноста, законитоста, одговорноста и учеството на јавноста, но нагласи дека за да биде ефектен собранискиот надзор, мора да има можност за пристап до релеватни информации и непречени разговори со одговорните во разузнавачки служби. Прецизирање на поимот државна тајна, побара Пренџов, нагласувајќи дека не може 95 отсто од работите, да се класифицираат како државна тајна, а во нив да „нема месо“.

-Не треба да се фалиме дека сме имале надзор заради надзор, колку тоа да се каже или некаде да се запише. Ова е сектор кој во изминатите 30 години два пати крахираше на отворена сцена, тоа имаше сериозни последици и го урна имиџот на државата. Треба да сфатиме во оваа држава граѓаните се тие, кои ги плаќаат носителите на јавни функции, без разлика во која институција, а транспаретноста, учеството на јавноста и доброто владеење мора да важи и за оние кои се одговорни во безбедносно-разузнавачкиот сектор, рече Пренџов.

Нагласи дека надзорот има различлен пристап кон АНБ и АР, со оглед на разликите во актвинсотите на двете агенции и како позитивно го нагласи тоа што за разлика од претходните мандати сето она за што било разговарано со нив, ништо не излегло во медиумите, освен официјалните соопштенија.

– Мојот личен став е дека темата за безбедноста и разузнавањето не е нешто од што треба да правиме политичките поени во јавноста, додаде тој.

Смета дека се потребни измени на законот за следење на комункациите, да се направи проприфатлив и по терк на европските стандарди, смета дека треба да има еден посебен закон за надзор на сите комисии, кој ќе биде инклзуивен и собраниската Комисија ќе има поголеми ингеренции за надзор на службите.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски истакна во однос на надзорот над работењето на АНБ во овој тригодишен период имале 15 средби со двете комисии што е повеќе од сите претходни мандати.

– Сакам да ја истакнам нашата целосна отвореност кон контрола. Друго е прашањето дали во работењето на комисиите за надзор има проблем во работењето. Од наша страна нема никакви проблеми, изјави Димовски.

Директорот на Агенцијата за разунавање Еролд Муслиу, напомена дека тие како Агенција се отворени за надзор и контрола во рамки на законските ограничувања, имајќи ја предвид специфичноста на работата на АР.

-Сме биле на располагање, даваме одговори, сме имале безбедносни брифинзи. Ние како Агенција за разунавање сме отворени за надзор и контрола во рамки на законските ограничувања, имајќи го предвид разузнавањето во странство и имаме лимити без разлика што членовите на Комисијата имаат безбедносни сертификати, не можеме да одиме подлабоко, додаде тој.

Директорите на двете клучни агенции говореа и за другите предизвици со кои се соочуваат, при што се отвори прашањето за физичко оделување на АНБ од МВР, нешто што, како што истакна министерот Спасовски е потребно да се направи.

– Би сакал АНБ и физички да биде одделена од МВР, а не само легислативно. Сметам дека големата проактивност треба да биде во делот на граѓанскиот надзор, изјави Спасовски.

Димовски рече дека реформата на АНБ е дел од структурните реформи на безбедносниот систем на нашата земја, кои како што нагласи се направени по урнекот на демократските земји членки на НАТО, а екипираноста е согласно стандардите на НАТО.

– Направена е селекција на кадри која е целосно во согласност со овие стандарди, при што е селектирана една третина од поранешната УБК и се прават континуирани напори за кадровско освежување преку најдобрите студенти дипломирани од нашите факултети, изјави Димовски.

Димовски, исто така, посочи дека во континуитет се вршат обуки на постоечките и новите вработени, дека е воспоставена меѓуинституционална соработка, како и билатерална соработка со безбедносните сервиси на НАТО и ЕУ и рамноправно и полноправно учествување во работата на мултилатералните платформи.

– Остануваат незавршени работи. Мора да се вложат дополнителни напори покрај функционалното разделување од МВР треба да се направи и физичко одделување. Исто така, потребно е да се реши просторното и материјалното функционирање на Советот за координација на безбедносните разузнавачки служби, изјави Димовски.

Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во дебата истакна дена АР беше единствената институција формирана со закон уште во 1995 година и пред кризата во 2014/15 година, а лани се донесе закон со кој целосно се реформираше. Нагласи дека вработените во АР работат тимски, во процесот на реформирање си поставиле сериозни цели, за што добиле целосна помош од Канцеларијата за безбедност на НАТО.

Муслиу нагласи дека АР си поставила шест цели во своето работење – зајакнување на позицијата на разузнавањето во системот на надворешната службба на разузнавање, зајакнувње на човечкиот потенцијал, унапредување на техничките капацитети и отпорноста кон кибер напади, да се јакне безбедносната култур на сите нивоа пред се кај државниот врв и политичарите за сензитивноста на оваа сфера со оглед на тоа што влијае врз носење на стратешки одлуки за националната безбедност, како и зголемување на транспаретноста на службите.

Додаде дека не е се совршено во безбедносно-разузнавачкиот систем, дека има поместувања, но дека ова е процес кој нема крај и кој постојано се надградува.