Потребна поголема вклученост на мажите и заедничка борба со жените за родова еднаквост


За остварување на родова еднаквост потребно е поголемо единство помеѓу жените во борбата што ја водат, поддршка од мажите во таа борба, отстранување на сите стереотипи во општеството, и спроведување на заложбите и мерките во пракса, се генералните оценки на конференцијата „Улогата на мажите во родовата еднаквост“ што ја организира Националниот демократски институт во рамки на Неделата на женски права и родова еднаквост. 

Борбата за еднакви права на жената, смета министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски, треба да се гледа низ призмата на општествената борба за човекови права. Потребно е, вели, менување на конзервативните и традиционални општествени ставови кои често се полни со стереотипи.

Според него, потребна е заедничка борба и на мажите и жените, но и што поголемо единство на жените во барањето на она што природно им припаѓа. Тие, вели, треба да се свесни дека никој ништо нема да им даде, доколку не побараат.

-Исто така, потребно е и сите залагања да се конкретизираат во мерки, кои ќе предвидуваат или донесување нови закони, или ребаланс на буџет за обезбедување средства со цел тие залагања да се реализираат, рече Манчевски.

Претседателката на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите Даниела Рангелова се согласува дека борбата треба да е заедничка, но како што рече, пред се е потребно да има меѓусебна поддршка, поголема вклученост и отстранување на пречките кои меѓусебно си ги поставуваат, за што, како што рече, има голем број примери.

Исто така, вели Рангелова, потребна е и поголема храброст на жените кои имаа можност да покренат некои прашања, и први да се приклучат кон иницијативите кои се покренуваат, што, рече, најчесто не е случај.

Рангелова рече дека покренала иницијатива во Собранието за 50 процентно учество на жените на изборните листи, а најмала поддршка добила току од пратеничките од поголемите партии кои прво рекле дека треба да видат дали има партиска согласност за тоа прашање.

Граѓанските организации главно ги делат овие ставови. И за нив стереотипите во општеството се исто така голем проблем на чие решавање треба да се работи. Борбата, посочуваат, треба да биде заедничка и постојана. Тие стереотипи понатаму се генератор на проблемите. Истакнуваат дека каква било иницијатива или предлог полесно ќе помине ако има поддршка од помал број повлијателни мажи, отколку од многу поголем број жени. Ова, велат, се работи кои можат и мора да се надминат, со цел да се постигнале родова еднаквост.

– До тоа не може да се дојде доколку мажите не станат решение, а не пречка за решавање на проблемот, рече Саша Гавриќ од Канцеларија за демократско владеење на ОБСЕ.