Потребна е итна акција: ЕК на 30 јануари почнува Стратешки дијалог за иднината на европската автоиндустрија


Европската комисија за 30 јануари најави започнување на Стратешки дијалог за европската автомобилска индустрија, на кој социјалните партнери и другите засегнати страни ќе разговараат за иднината и перспективите на овој индустриски сектор во ЕУ. 

– Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на Комисијата за заштита на иднината на автомобилскиот сектор, кој е витален за европскиот просперитет, а во исто време и ги унапредува нејзините климатски и пошироки општествени цели, се наведува во денешното соопштение на ЕК. Стратешкиот дијалог, чие одржување претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен го најави во обраќањето пред Европскиот парламент на 27 ноември минатата година, има за цел да ги ангажира индустриските играчи, социјалните партнери и засегнатите страни заеднички да ги согледаат предизвиците, да изнајдат решенија и да преземат конкретни активности. 

Со Стратешкиот дијалог ќе претседава Фон дер Лајен и тој ќе се состои од редовни состаноци на кои ќе учествуваат претставници на автоиндустријата, социјалните партнери, еврокомесари и други засегнати страни, вклучително и граѓанското општество, а во целиот процес најавено е учество и на Советот на ЕУ и Европскиот парламент. 

Клучните точки за дискусија ќе ги вклучуваат иновациите, чистата транзиција и декарбонизацијата, конкурентноста и издржливоста, трговски односи и меѓународните „еднакви правила за игра“ и регулаторното рационализирање и оптимизацијата на процесите, се наведува во соопштението. 

Комисијата потенцира дека ја препознава итната потреба за акција за заштита на европската автомобилска индустрија и за овозможување на нејзина иднина во рамките на Европската унија.  

– Европската комисија е посветена да работи со сите засегнати страни за да обезбеди долгорочна конкурентност, одржливост и издржливост на европската автомобилска индустрија. Стратешкиот дијалог е клучен чекор кон постигнување на оваа цел, се додава во соопштението, 

Во автомобилската индустрија во ЕУ се вработени над 13 милиони лица и таа придонесува со речиси седум отсто во вкупниот БДП на блокот. Во последниве години оваа индустрија се соочува со значителна трансформација, како резултат на процесите на дигитализација, мерките за декарбонизација, зголемената глобална конкуренција и нестабилниот геополитички пејзаж. 

Целта на Стратешки дијалог е токму соочувањето со овие предизвици и изнаоѓањето начини за усогласување и имплементирање на решенија што ќе ја одржат глобалната позиција на европската автомобилска индустрија.