Потребен ни е закон за личен банкрот, вели Славески


Гувернерот на Народната банка (НБ) Трајко Славески денеска повторно го актуелизираше прашањетo за воведување закон за личен банкрот. Како што рече на јавната работна средба во Стопанската комора, не може до бесконечност да се толерираат луѓе кои не во состојба да ги подмируваат своите обврски.

Сите развиени земји, потсети Славески, имаат регулатива за личен банкрот.

-Тоа можеби е повеќе прашање за Министерството за финансии, но заедно може да размислиме дали е моментот да одиме со ваква регулатива –  закон за личен банкрот. Според моите информации, имаме околу 120 000 блокирани сметки, граѓани без пристап до финансиските институции. Тие се жртви на некои други даватели на кредити со високи камати, лихварски. Треба да се актуелизира прашањето, јас одамна го поставував и како министер за финансии, дали не е време да донесеме закон за личен банкрот кој би решил некои прашања. Не може до бесконечност да се толерира таква ситуација – луѓе кои не можат да ги подмируваат своите обврски, а тие се зголемуваат со каматите на долгот, истакна гувернерот.

Тој не се согласи со една од членките на Комората дека периодов е добро да се воведе мерка како во време на КОВИД-от, одлагање на плаќање на кредитите. Претставничката од бизнис секторот укажа дека преработувачкиот сектор се соочува со поголема криза и дека продажбата е намалена. Притоа праша, дали можеби таква мерка би била поволна за да им се помогне на луѓето кои, како што рече, ќе ги изгубат своите работните места.

-Не е периодот за оваа мерка, но секако ќе го проучиме ова, а можеме да разговараме и со банките. Тие, соласно нивниот интерес, најмалку сакаат да се претворат во институции за продажба на недвижнини. Не им одговара тоа зашто повлекува низа трошоци, но може во рамки на деловната политика да пристапуваат случај по случај. Јас не би препорачал нешто во ваква насока како што велите вие, рече Славески.

На новинарско прашање зошто растат цените на становите, гувернерот одговори дека НБ може да делува само во рамки на нивното кредитирање.

Во рамки на јавната дебата, професорката Ирена Кикеркова од Економскиот факултет – Скопје укажа дека НБ не нуди потемелна анализа на вистинската структура на производството и на пробпемите во македонската економија, туку излегува со релативно слаби анализи и податоци за само неколку категории производи од слободните зони и од најголемите компании во нив. Таа го замоли гувернерот да направат реконструкција на тимовите кои прават аналитика „зашто времето што доаѓа ќе биде многу важно и за креаторите на економските политики“.

Славески во излагањето пред стопанствениците уште еднаш повтори дека ниската стапка на инфлација и финансиска стабилност остануваат клучни приоритети на Централната банка.