Потребен ни е мир, веднаш, рече Ковачевски во Советот за безбедност на ОН

Обраќањето на премиерот беше по повод  30-годишната од членството на Македонија во ОН. Тој ја поддржа новата агенда за мир на генералниот секретар Гутереш


 

Премиерот Димитар Ковачевски се обрати денеска пред Советот за безбедност на ОН како прв македонски премиер кој зборувал пред советот, а на тема новата агенда за мир предложена од генералнот секретар на ОН Антонио Гутереш. Ковачевски се обрати по повод 30-годишнината од членството на Македонија во ОН. 

Темата мир е насушна во контекст на руската агресија во Украина, и Ковачевски рече дека  Македонија отсекогаш била пример за решавање на конфликти и отворени прашања дома и со соседите. 

Обраќајќи се до Швајцарија како претседавач со Советот за безбедност, премиерот истакна дека ОН и мултилатералниот систем во минатото се покажале ефикасни за придонесување кон мирот во светот. 

„Денес кога имаме морална обврска да придонесме кон новата агенда за мир, не можеме а да не ја споменеме старата агенда од 1992 година и почетоците на првата превентивна мисија на ОН во нашата земја – високо оценета како успешна превентивна акција на ОН“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека во случајот со Македонија, градењето на мирот бил потврден во пракса. 

„Нашиот прв претседател Киро Глигоров во тешките војни на просторот на поранешна Југославија со својата мудрост и одговорност овзоможи мирно осамостојување и меѓународно етаблирање на Македонија како независна и суверена држава“, порача Ковачевски. 

Во време на војна во блиското соседство, рече Ковачевски, нашата земја имала одржлива агенда за мир обезбедена со внатрешен консензус, но и тесна соработка со организации како ОБСЕ и ЕУ. 

„Мисијата УНПРЕДЕП спречи прелевање на конфликтот, беа сочувани мирот и стабилноста, а со тоа беа спасени безброј животи и спречени непотребни разурнувања“, рече Ковачевски, додавајќи дека за време на конфликтот официјално Скопје промовираше култура на дијалог за надминување и на најсериозните предизвици.  

Според Ковачевски, Македонија станала пример за решавање на отварени прашања дома и со соседите, и затоа нашата земја во изинатите 30 години донела многу тешку одлуки.

„Ова беа тешки но визионерски одлуки кои ни овозможија да станеме членка на НАТО и да отпочнеме преговори со ЕУ, со заштитен и признат македонски јазик, идентитет и култура“, истакна тој.  

„За жал, руската воена агресија во Украина ги промени глобалните односи, а тоа повикува придржување до референтната рамка на Повелбата на ОН, а тоа е избегнување војна“, нагласи Ковачевски. 

Според премиерот, Македонија како и многупати во историјата застанала на вистинската страна на историјата, на страната на демократскиот свет и правото на секоја земја за самоопределување.  

Во завршниот дел од својот говор македонскиот премиер повика светот да се заложи за почитување на повелбата на ОН.  

„Како рамноправен дел од тогашната југословенска федерација, која беше еден од основачите на ОН, но и како држава која пред 30 години се стекна со самостојно место во ОН, Македонија го крева својот глас и ја споделува крајна загриженост од кризата на ОН, но и кризата во меѓународиот поредок“, рече Ковачевски. 

Тој истакна дека новата агенда за мир на Гутереш е „шанса која треба да ја искористиме… потребен ни е мир сега и веднаш“.