Потпретседателот на Врховниот суд на Грција си поднесе оставка


Потпретседателот на Врховниот суд на Грција и претседател на граѓанскиот сектор во судот Христос Ѕанерикос денеска си поднесе оставка, по реакциите во земјата откако јавно излезе со став за новиот амандман на Владата поврзан со учеството на изборите на партијата на осудениот поранешен пратеник од Златна зора, јави дописничката на МИА од Атина.

Амандманот на Владата веќе е во Парламентот, а како што претходно објави МИА, потпретседателот на Врховниот Суд Христос Ѕанерикос коментираше дека конкретниот амандман е директна интервенција во работата на судот, нешто што предизвика реакции од професори по уставно право, како и од партиите.

Ѕанерикос, освен потпретседател на Врховниот суд, беше и претседател на граѓанскиот сектор А1 во судот, сектор надлежен да одлучува дали партиите кандидирани на изборите ги исполнуваат уставните критериуми за учество во процесот.

Според веќе изгласаниот закон се забранува на изборите да учествува партија чиј претседател, генерален секретар или вистински лидер е осуден за криминално дело, а надлежен да донесе одлука за секоја од партиите е токму А1 секторот од Врховниот суд.

Со амандманот, што се очекува утре да биде ставен на гласање пред пратениците, за учеството на партиите на изборите ќе одлучува пленарната седница на судот и сите десет судии, а не конкретниот сектор.

За оставката на Ѕанерикос, портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг рече дека нема коментар, но посочи дека за две месеци поради возраста, му истекувал мандатот на потпретседателот на Врховниот суд.

-Не постои ниту најмала интервенција на Владата во работата на правдата, истакна Иконому.

Паралелно, ги потврди информациите на опозицискиот весник „Документо“ дека постоела средба на потпретседателот на Врховниот суд со државниот министер и министер за транспорт Јоргос Герапетритис.

Објасни дека на средбата немало никаков обид за мешање во работата на судиите, туку Герапетритис инситуционално го информирал Врховниот суд и имал консултации во однос на новиот амандман.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, претседателката на Врховниот суд, Мариа Георгиу, до која беше доставена оставката на Ѕанерикос, според законот има рок од еден месец да ја чува оставката, доколку врховниот судија посака да ја повлече оставката.

Дополнително, потсетува дека на крајот на јуни, потпретседателот на Врховниот суд требало да замине во пензија.