Потписот на Димитриевска Кочовска го закочи кредитот од 90 милиони евра од Светска банка


Министерот Филипче вели дека Димитриевска-Кочовска неколку пати испраќала барање до Министерството за здравство за објаснување за што ќе се употребат средствата и исто толку пати и било одговорено

 

Дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии, Гордана Димитриевска-Кочовска речиси еден месец не го потпишува документот со кој ќе се одблокираат 90 милиони евра кредит од Светска банка наменет за справување со последиците од корона кризата. Денеска на ова реагираа министерот за здравство Венко Филипче и министерката за финансии Нина Ангеловска, а со допис до медиумите во врска со овој проект се произнесе и Светска банка. И покрај јавните прозивки, од Димитриевска-Кочовска немаше реакција, ниту пак некој одговараше на фиксниот телефон што ни го посочија во Министерството за финансии.

Светска банка беше меѓу првите што излезе во пресрет и во рекорден рок одговори на барањата на Македонија заради потребата за зајакнување на капацитетите во борба со ковид – 19.

Околу еден месец дополнителната заменичка министерка за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска го кочи проектот за справување со корона вирусот вреден 90 милиони евра, средства од Светска банка кои, меѓу другото, се наменети за кревети за интезивна нега за сите инфективни одделенија во државава, за лабораториски капацитети,…“, се пожали денес министерот Филипче.

Како што изјави за МИА, Димитриевска-Кочовска неколку пати испраќала барање до Министерството за здравство за објаснување за што ќе се употребат средствата и исто толку пати и било одговорено. Според Филипче, нејзините прашања се повторувале, а со таа нејзината постапка на одолговлекување не се одобруваат средствата за здравствениот систем, односно за ургентна поддршка за зајакнување на капацитетите за третнам на ковид пациенти.

„Средствата што се одобрени, а не ги одобрува Димитриевска Кочовска, ќе помогнат да ги опремиме сите инфективни оделенија во државава, пред се со интезивни кревети, машини за сликање, лабораториски капацитети и друго. Има еден дел од средствата за едукација на лекарите, потоа за надградување на епидемиолошките центри со комплетна опрема, односно овие средства се за сите аспекти кои ги покрива Ковид вирусот“, појасни Филипче.

Зошто толку долго се држи овој документ во фиоките на дополнителната заменик министерка, засега нема објаснување. Од нејзината партија, ВМРО-ДПМНЕ повеќе пати обвинуваа дека мерките кои ги презема Владата и ребалансот на Буџетот се за изборни цели и за корупција.

Димитриевска-Кочовска на 6 мај на прес конференција како неиздржани ги оцени обвинувањата од СДСМ дека таа наводно го блокирала заемот од Светска банка.

На 28 април добив документи за евро-обврзница, поточно избор на банки кои ќе посредуваат, како и адвокатски канцеларии, а истиот ден ги добив документите за заемот од 90 милиони евра од Светска банка. Документите за евро-обврзницата во истиот момент беа потпишани и вратени, додека за кредитот од СБ, побарав време за да разговарам и да се консултирам со стручни лица“, објасни тогаш таа, додавајќи дека кредитот од СБ е строго наменски кредит и дека треба да има јасни калкулации зад сите ставки, кои ќе бидат финансирани. До овој момент, документите кои ми се дадени не вклучуваат јасни и детални калкулации“.

Колку време е потребно да се разјаснат овие нејаснотии Димитриевска-Кочовска не излезе да соопшти, иако во меѓувреме таа имаше средба и со претставници на Светска банка.

Таа забележуваше дека иако Владата во континуитет разговарала и преговарала со СБ, во ниту еден момент не била вклучена во тие разговори. Таков состанок како што кажа имала на 5 мај при што побарала детално појаснување каде ќе се трошат овие пари.

Министерката за финансии Нина Ангеловска денес на прес конференција, одговарајќи на новинарско прашање рече дека заемот бил преговаран во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со Министерството за здравство, кои треба да ги користат средствата за справување со Ковид-19 кризата.

„Бидејќи сме во техничка Влада секој еден предлог односно закон за задолжување го потпишуваме заедно јас и дополнителната заменик министерка. Предметот беше споделен и со неа. Таа си има легитимно право да си има одредени прашања по истото. Доставуваше одредени прашања на кои одговараа и колегите од Министерствот за труд и социјаалнаа политика. Имавме заеднички состанок и со Светската банка, изјави Ангеловска.

Таа појасни дека за Министерството за здравство се одвоени околу 34 милиони евра за финансирање на потребите, а останатите средства се за мерки за надоместок за невработеност итн.

„И во ребалансот на Буџетот има вградено дел од тие средства, кои ќе се повлекувааат од тој кредит. Вкупниот износ во ребалансот е околу 1,2 милијарди денари на оваа кредитна сметка, но секако дека тоа е согласно стандарди и процедури на СБ и согласно тоа би се влечеле и би се вршеле исплатите“, вели Ангеловска додавајќи дека очекува заемот наскоро да стигне до Владата и да биде усвоен бидејќи веќе е одобрен и усвоен од бордот на Светска банка. Таа аапелираше на „добра и конструктивна соработка, бидејќи се справуваме со криза и во овие моменти е најпотребна добра координираност, навременост и брзина од сите засеганти страни.

Партиските препукувања, според кои помошта што ќе се дели со економските мерки ќе се искористи за поткуп на гласачите и корупција очигледно ја испровоцираа и Светска банка да излезе со реакција и порака дека сериозно ја зема во предвид загриженоста околу тоа како ќе се трошат парите што и ги даде на Македонија и ќе спроведе силен контролен механизам.

Од Светска банка порачаа денеска дека имаат нулта толеранција за измама и корупција и сериозно ја сфаќаат обврската средствата да се користат за јасно дефинирани активности и истите да стигаат до наменетите корисници.

„Светска банка ги следи тековните дискусии во медиумите поврзани со проектот за итен одговор на состојбата со Ковид – 19 кој е одобрен неодамна со цел да помогне во намалување на локалната трансмисија на вирусот и да ја зајакне подготвеноста на земјата за идна пандемија. Проектот ќе помогне во напорите да се заштитат граѓаните од пандемија, да се одговори на итните здравствени приоритети и обезбеди социјална помош за најранливите категории на граѓани во земјата“, велат од Светска банка.

Притоа, тие нагласија дека проектот ќе и помогне на Македонија во детекција, превенција и одговор на заканата од КОВИД-19 пандемијата и ќе го зајакне јавниот здравствен систем.

„Здравствената комопонента ќе го зајакне капацитетот на здравствениот систем преку идентификација и правилно управување со случаите поврзани со КОВИД – 19, вклучително и зајакнување на капацитетот на Фондот за здравствено осигурување за покривање на зголемените трошоци од здравствени услуги“, велат од Светска банка.

От таму додават дека компонентата за социјална заштита ќе обезбеди времена поддршка за приходите на оние поединци и домаќинства кои се економски погодени од мерките неопходни за спречување на ширење на вирусот, како одржување на физичка дистанца и други рестрикции.

„Светска банка има нулта толеранција за измама и корупција и сериозно ја сфаќа обврската да обезбеди средствата да се користат за јасно дефинирани активности и истите да стигаат до наменетите корисници“, нагласуваат во дописот, додавајќи дека упатствата поврзани со набавка на Светска банка ќе се применуваат за набавка на здравствени материјали, опрема и услуги. Паричните трансфери до домаќинствата се регулирани со јасни критериуми за подобност и имаат механизми за надзор и контрола.

„Договорите финансирани од Светска банка имаат клаузули кои ни овозможуваат да извршиме увид во досиејата на добавувачите и понудувачите во случај на сомнеж за измама и корупција. Светската банка исто така ќе го контролира процесот на набавки, синџирот на снабдување и плаќањата“, уверуваат од Светска банка и додаваат дека во сите проекти на банката се спроведуваат проверки за да се помогне во справувањето со доверителските ризици.

„Обезбедуваме соодветни аранжмани за финансиско управување за секоја операција како дел од фазата на подготовка. Ќе продолжиме одблизу да ги следиме доверителските ризици и да применуваме соодветни мерки за време на спроведување на проектот. Мерките вклучуваат редовен преглед на доверителските аранжмани на проектот, преглед на трансакциите за набавки, периодични финансиски извештаи и надворешна ревизија на финансиските извештаи на проектот, стои во реакцијата на Светска банка. (М.Ј.)