Потпишување иницијатива за основање на Иновациски центар – Штип меѓу Универзитетот „Гоце Делчев”, Општината и Стопанската комора на С. Македонија


Иницијатива за основање на Иновациски центар – Штип помеѓу Универзитетот “Гоце Делчев” – Штип, Општина Штип и Стопанската комора на Северна Македонија ќе биде потпишана денеска од градоначалникот на Општината, Иван Јорданов, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески и ректорот проф. д-р Дејан Мираковски. 

Иницијативата, како што наведуваат од Стопанска комора ја претставува определбата на трите институции за создавање одржлив модел на трипартитна соработка во областа на претприемништвото, иновациите и локалниот економски развој.

Азески за време на посетата ќе биде придружуван од членовите на Управниот одбор на Комората, а целта на посетата, како што се наведува во соопштението, во овој момент кога се води клучната расправа за промените на Законот за високото образование е подигнување на повисок степен на соработка меѓу образованието и бизнисот, особено во делот на примена на научните истражувања и користење на научната инфраструктура што е од интерес за бизнисот, но и е препознатливо обележје на овој Универзитет.

Во соопштенито се додава дека на средбата со Мираковски ќе се разговара и за проширување на соработката со шестте земји на Западен Балкан, организирани во Коморскиот инвестициски форум – КИФ.

Во просториите на ректоратот на УГД Азески ќе се сретне и со градоначалник Иван Јорданов, со кого ќе разговара околу неколку заеднички проекти од интерес и за градот и за бизнисот, кои ќе бидат поврзани со новата инвестициона програма на Владата и Комората, а кои ќе бидат набрзо објавени.