Потпишани два меморандума во Тирана – регионот ја јакне соработката во дигиталната сфера


Продлабочување на соработката во областите на 5Г и интероперабилноста во насока на дигитална интеграција, безбедна размена на податоци и поголемо меѓусебно поврзување, е целта на двата меморандума што беа потпишани денеска на завршниот министерски состанок во Тирана.

На состанокот со кој беше заокружен Дигиталниот самит за Западен Балкан, учествуваше и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

Двата меморнадума ги потпишаа Шаќири и неговите колеги од регионот: Војин Митровиќ, министер за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина, Блерим Кучи, министер за економски развој и животна средина на Косово, Сузана Прибиловиќ, министерка за јавна администрација на Црна Гора, Татјана Матиќ, министерка за трговија туризам и телекомуникации на Србија, како и Етјен Џафај, заменик министер за инфраструктура и енергетика на Албанија.

Како што соопшти МИОА, со партнерите од Западен Балкан, министерот Шаќири имаше можност да размени искуства и добри практики во однос на дигиталната трансформација на регионот. Соговорниците меѓусебно разговараа за можностите за продлабочување на соработката, но и за предизвиците со кои се соочуваат во остварувањето на крајната цел – подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани од шесте држави.

На состанокот беа усвоени и заклучоците од одржувањето на третиот Дигитален самит за Западен Балкан, во однос на активностите што ќе следат.

Самитот ја промовираше дигиталната перспектива на Западен Балкан, а опфати четири главни платформи: Поврзување на мрежата и услугите, доверба и безбедност, дигитални вештини и дигитална економија. Се реализираше во рамки на иницијативата што произлезе од Берлинскиот процес и повеќегодишниот Акциски план на Регионалнaта економски зона (МАP – REA) за Западен Балкан. Церемонијата ја отвори премиерот на Република Албанија, Еди Рама, нагласувајќи ги во својот говор придобивките од заедничката Дигитална агенда.