Потпишани договори за изградба на фотоволтаици на приватно земјиште


Министерството за економија денеска ги потпиша договорите со инвеститорите за изградба на фотовонапонски централи на приватно земјиште за тендерот објавен минатата година за доделување премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали. Од денеска ќе започне изградбата на неколку од нив, информираше ресорниот министер Крешник Бектеши.

-Успешно го спроведовме тендерот за изградба на фотонапонски централи на приватно земјиште што значи почеток на еден нов инвестициски циклус во делот на обновливите извори на енергија (ОИЕ). На тендерот објавен лани во август беа доставени 44 понуди и по комплетно  спроведената евалуација и роковите за жалби се утврди дека од понудените 27 мегавати потпишани се договори за право на користење на премија за вкупно 21 мегават на 29 локации низ целата држава со вкупно 23 инвеститори во 16 општини, рече Бектеши на денешната прес-конференција во Владата.

Прецизира дека јавниот повик беше подделен во четири дела во зависност од површината на земјиштето.

-Во привиот дел од 0 до 200 киловати потпишани се седум договори за инсталиран капацитет од 800 киловати. За вториот дел од 201 до 500 киловати потпишани се шест договори за инсталира капацитет од 2,4 мегавати. За делот од 501 до 1.000  киловати потпишани се 12 договори за инсталиран капацитет од 10 мегавати, а за четвртиот дел од 1.001 до 3.000 киловати, односно од 1 до 3 мегавати потпишани се четири договори за инсталиран капацитет од 8,16 мегавати. Сите инвеститори ќе имаат рок од три години да завршат со изградбата на фотонапонските електрани и по пуштањето во употреба ќе потпишат договори за користење на премиуми во траење од 15 години, посочи Бектеши и додаде дека тоа ќе ја чини државата околу  420.000 евра на годишно ниво за сите договори, вклучувајќи ги и договорите за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште, во зависност од производството на електрична енергија.

Потсети дека на тендерот за изградба на фотонапонски електрани на државно земјиште, заради големиот интерес, наместо државата да исплаќа премии доби приближно три милиони евра во Буџетот од компаниите кои ги потпишаа договорите.

-Тоа значи дека со парите од државното земјиште ќе се покријат трошоците за седум наредни години за премиумите и на приватното и на државното земјиште, потенцира Бектеши и додаде дека со потпишаните договори за изградба на фотовоолтаици ќе се градат вкупно 56 мегавати од ОИЕ на државно и на приватно земјиште, а ЕСМ, како што кажа, веќе потпиша договор за изградба на 10 мегавати во ТЕЦ Осломеј, во февруари објавни тендер за изградба на дополнители 100 мегавати на истата локација и планира да гради 20 мегавати во РЕК Битола штов купно е инвестициски циклус од над 120 милиони евра.

Тој нагласи дека Министерството за економија поддржува активности за промоција на ОИЕ и поттикнување на енергетската ефикасност со цел реализација на зацртаните цели за учество на ОИЕ утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на националната цел за заштеда на енергија.

-Една од главните цели на енергетската политика во земјава е поттикнување и поддршката на приватни инвестиции за изградба на  енергетски објекти со ОИЕ. Тоа е инвестирање во зелена енергија за значаен придонес во заштитата на животната средина и ублажување на климатските промени. И во време на светска пандемија со КОВИД-19 која предизвика и економска криза насекаде, Министерството за економија не застана со реализација на своите проекти кои значат подобар и поквалитетен живот, потенцира Бектеши.