Потпишан протоколот меѓу Македонија и Бугарија, содржината ќе се знае во вторник
Ние не можеме да ги натераме другите 26 членки на Унијата да го имаат бугарскиот став за македонскиот јазик, рече министерката Теодора Генчовска
Во Софија денеска министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол по состанокот на заедничката меѓувладина комисија. Според најавите, протоколот треба да биде објавен по неговото потпишување.
Покрај министерот Османи, во состав на македонската делегација се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Потпишувањето на протоколот и одржувањето на состанокот на меѓувладината комисија следуваат откако вчера францускиот предлог беше одобрен од страна на Владата по усвојувањето на заклучоците во македонското Собрание.
Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на Македонија, рече на прес-конференција по потпишувањето на билатералниот протокол министерката за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска.
„Целосно ја почитуваме одлуката на Националното собрание. Како што знаете, во билатералните односи со Република Северна Македонија, Бугарија не го признава нивниот официјален јазик. Сепак, ова е малку поспецифично во контекст на другите 26 земји-членки на Европската унија, бидејќи тие имаат свој став и ние не можеме на никаков начин да ги обврземе да ја прифатат нашата официјална позиција“.
Содржината на билатералниот протокол потпишан денеска меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде објавена во вторник, изјави и Генчовска. Таа објасни дека Скопје ќе ги започне вистинските преговори за членство во ЕУ дури откако ќе ги вклучи Бугарите како државотворен народ во својот Устав. Ова, според министерката Генчовска, ќе потрае доста време:
„Овој период зависи од властите во РСМ, може да трае 3 месеци, како што беше случајот со промената на името на државата, може да трае и 2 години“.
Генчовска истакна дека Европската комисија ќе следи како Скопје ги исполнува своите обврски.
Вицепремиерот Бојан Маричиќ рече: „Денес отворивме европско поглавје во односите со соседна Бугарија. За стратешките и важни прашања нема друга алтернатива освен компромисни решенија кои ја враќаат довербата и градат партнерства и сојузништва“.
Тој смета дека со потпишувањето на Протоколот, Договорот за пријателство и добрососедство веќе добива нов дух, а Бугарија станува наш партнер и сојузник на европскиот пат, што било потврдено и на состанокот на меѓувладината комисија.