Потпишан Меморандум за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава


Со Меморандум за соработка меѓу Министерството за финансии и Јавното обвинителство ќе се зајакнува меѓуинституционалната соработка со цел сузбивање неправилности, измами, корупција и други незаконски активности насочени против финансиските интереси на ЕУ во земјава. Меморандумот за соработка денеска го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Иницијативата за Меморандумите за соработка меѓу Министерството за финансии и клучните институции во областа на заштита на финансиските интереси, како што информираат од Министерството за финансии, е резултат на добрата пракса во земјите-членки на Европската Унија, преку воспоставување на солидна координација на системот за заштита на финансиските интереси на Унијата.

Нагласуваат дека Министерството за финансии како координатор на системот за заштита на финансиските интереси на Европската Унија ја иницираше потребата од потпишување на меморандуми за соработка од областа на заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава. Меморандумите се подготвуваа во рамки на ИПА Твининг проектот „Зајакнување на функциите на буџетско планирање, извршување и внатрешна контрола“, со поддршка  на експерти од Хрватска и Латвија.

-Верувам дека со координација на клучните институции ќе се зајакне соработката во областа на заштита на финансиските интереси посебно од аспект на размената на информации, меѓусебна обука и едукација, споделување на најдобрите практики преку учество на заеднички состаноци во рамките на Системот за заштита на финансиските интереси на ЕУ, како и подигнување на јавната свест преку заеднички комуникациски активности во областа на спречување на неправилности и измами и координација со цел да се избегне удвојување на дејствијата,  истакна министерот Бесими.

Покрај Јавното обвинителство, Меморандум за соработка со Министерството за финансии  денеска беше потпишан и од страна на директорот на Управата за финансиска полиција, Горан Иванов и главниот ревизор во Ревизорското тело за ревизија на инструментот ИПА, Адем Цури, како институции кои се исто така клучни за ефикасна и ефективна заштита на финансиските интереси на Европската Унија.