Потпишан Кодексот за фер и демократски парламентарни избори
Претставници на политичките партии и коалиции, денеска во Кристалната сала на Собранието го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори за изборите што ќе се одржат на 8 мај.
Претседателот на Државната изборната комисија, Александар Даштевски, истакна дека овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на демократскиот процес.
„Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите“, истакна Даштевски.
Со потпишувањето, вели Даштевски, политичките партии се обврзуваат дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.