Потпишан договор за партерно уредување на Еко паркот „Езерце“ во Пехчево


Општина Пехчево денеска официјално потпиша договор за реализација на проектот „Партерно уредување и поставување на урбана опрема на еко парк Езерце – Пехчево“. Изведувач на градежните работи е фирмата Друштво за градежништво, проектирање, надзор, ревизија, производство, трговија и транспорт „ГРАДЕЖНИК ИНГ“ ДООЕЛ увоз – извоз од Берово.

Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 3.683.610,00 денари, а средствата се обезбедени преку Бирото за регионален развој и Буџетот на Општина Пехчево.

Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, истакна дека овој проект има клучна улога во подобрувањето на условите за локален економски развој и овозможува нови можности за туристички, рекреативни и едукативни активности во регионот.

– Со реализација на овој проект ќе ги подобриме условите за локален економски развој и ќе создадеме нови можности за развој на туризмот, рекреативните активности и едукативните содржини, што директно ќе придонесе за зголемување на туристичката привлечност на нашата општина. Во паркот ќе бидат поставени нови реквизити и играчки за деца, со што создаваме уште поубаво, побезбедно и повесело место за игра и дружење. Посебно внимание посветивме на инклузивноста и еднаквите можности – ќе поставиме и соодветна опрема наменета за деца со попреченост, за секое дете да може да ужива, да игра и да се дружи со своите врсници. Еко паркот „Езерце“ повторно ќе стане место каде детската насмевка ќе биде најубавата глетка во Пехчево, изјави градоначалникот Китански.

Со комплетното уредување и модернизација на просторот, локалитетот „Езерце“ очекува зголемен број на посетители и подобрени услови за рекреација на сите граѓани и гости на Пехчево.