Потпелистерието гори пред секои избори

Десетици помали и поголеми пожари секојдневно се регистрираат во Битолскиот Регион, а покрај запалени стрништа во нивите горат и шуми во Потпелистерието. Територијалната противпожарна единица на ден има од пет до 10 интервенции, а поголемиот дел од нив, велат, се пожари на отворено, додека останатите на објекти.

Неделава, за само пет часа во еден ден интервенирале на осум пожари, од кои најголем, најкритичен и најтежок за гаснење беше пожарот во атарот на потпелистерските села Ротино и Цапари, каде што покрај куќите огнената стихија ѝ се закануваше и на моликовата шума на Пелистер. Пожарникарите тврдат дека сите пожари на отворен простор се намерно предизвикани.

„Ова е алармантна ситуација не само во Битола туку во цела држава. Ова што се случува во последниот месец во државата е катастрофално и ваква состојба досега не сме имале. Дефинитивно сите пожари се намерно запалени. Не паметиме една единица да има дневно од пет до десет интервенции. Тоа максимално ги исцрпува сите ресурси на единицата, човечки и материјални, затоа што гаснењето е сложен процес. Екипите не само во Битола туку низ цела држава се префрлаат од пожар на пожар“, вели Костадин Поповски, командир на ТППЕ -Битола.

Причини има повеќе, вели Поповски, се палат стрништа и депонии кои потоа не можат да се контролираат, па огнот се шири наоколу, но има и пожари во високите планински зони на Пелистер, каде што сè уште има снег, што упатува на сомнеж дека станува збор за подметнати пожари.

„Граѓаните на тој начин ги чистат нивите, депониите, со цел да не се оптоваруваат со чистење. Овде нема случаен пожар, освен пожарите на станбените објекти“, вели Поповски.

За спас на моликовата шума на Пелистер минатата недела беа ангажирани голем број луѓе, а покрај пожарникарите, огнот го гаснеа вработени од Националниот парк, од јавните претпријатија во Битола, противпожарна екипа од Ресен и жителите од селата Ротино и Цапари, кои, исто така, тврдат дека овие пожари се намерно предизвикани, па дури и дека имаат политичка заднина.

„Јас ја следам состојбата со пожарите години наназад и можам да кажам дека многу често има појава на огнени стихии пред избори. Која е причината не знам, но како некој да сака да наштети, да направи зијан. Во Ротино првиот пожар се појави во саботата на левата страна од патот кој води кон селото, дојде противпожарната единица, го изгасна и по неколку часа повторно се разгоре, дојде под селото, а луѓето почнаа да се задушуваат од чадот. Во понеделникот попладнето повторно избувна пожар од десната страна на патот, кој се прошири кон Цапари, па ја зафати шумата на Пелистер, а откако ветрот го смени правецот на пламените јазици огнот слезе кон Ротино, со што во опасност беше и селото. Пожарот се појави на непристапен терен, каде што нема пат и тешко се стигнува до местото“, вели Златко Ристевски, жител на Ротино.

Тој тврди дека пироманите се жители од селата кои добро го познаваат теренот.

„Сметам дека се жители од Ротино и Цапари, а тоа го прават во координација со луѓе од околните села, за да не бидат брзо откриени. Имавме голем пожар во 2008 година, кога интервенираа и авионите за гаснење пожари, исто така пожар се случи и во 2012 година“, вели Ристевски.

И пожарникарите потврдуваат дека потпалувањата зачестуваат пред избори.

„Не можам да тврдам кои се причините, но има некоја појава, статистички тоа е така, индикативно е што бројот се зголемува токму во предизборие. На тоа упатува и фактот што имаше пожар во потпелистерското село Нижеполе на место каде што има снег, што го потврдува сомнежот дека е намерно предизвикан. Мора еднаш да се најдат сторителите и да се казнат, затоа што вака како што започна оваа анархија и тоа на самиот старт на годината и во пролет, што да очекуваме во јули и август кога температурите се 40 степени. Ако вака продолжи, нема сила, не постои таква единица што може да се справи со толку пожари“, вели Поповски.

Од битолската полиција велат дека работат на овие случаи и засега не можат да споделат повеќе информации со јавноста.

Емилија Мисирлиевски