Потешко повреден во сообраќајката кај обиколницата во стабилна состојба

Во Ургентниот хирушки центар во текот на вчерашниот ден се донесени тројца пациенти повредени во сообраќајката кај обиколницата од кои еден со полесни повреди, а двајца со животозагрозувачки повреди.

Едниот од потешко повредените бил полицаец, кој синоќа им подлегна на повредите, другиот потешко повреден е цивил и е во Единицата за интензивно лекување при КАРИЛ. Полесно повредениот со гребнатинки на ногата, кој е полицаец бил хоспитализиран на Клиниката за трауматологија за опсервација, по што, на негово барање е пуштен дома, информира денеска за МИА раководителот на Ургентниот хирушки центар, д-р Алберт Леши.

Тој посочува дека полицаецот, кој им подлегнал на повредите бил донесен во бесознание и по дијагностичките процедури бил внесен во операциска сала со цел да бидат згрижени неговите повреди.

– По 45 минути тој им подлегна на повредите и во 19:45 часот е констатирана смрт. Потешко повредениот кој е сместен во Единицата за интензивно лекување при КАРИЛ има повреди на ‘рбетот, десното рамо и десната потколеница и е во стабилна здравствена состојба, истакна д-р Леши.

Во сообраќајката учествувале патничко возило „БМВ“, полициско возило и камион. На самото место загина совозачот на автомобилот, а меѓу повредените е и возачот.

Несреќата, како што наведуваат од МВР, се случила во моментот кога полицаец, кој вршел редовна контрола на брзината на движење на возилата, го запрел автомобилот „БМВ“. Во тој момент камион удрил во автомобилот кој потоа удрил во полициското возило и се запалило.

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје вчера изврши увид на местото на тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница