Потеклото на човекот и на Македонците

Може да биде илузија дека кои било избори ќе сменат нешто кон подобро во Бугарија во однос на Македонија. Од нас и само од нас зависи дали ќе подлегнеме на некој друг притисок од страна на Бугарија и затоа мора да има договор за нашите црвени линии. Решението е постигнување „национален договор“ на сите партии за излез од сегашната блокада


Клучниот проблем во односте меѓу Македонија и Бугарија произлегува од разликите во гледањето на потеклото на македонската нација.

Бугарските историчари и политичари не сакаат да прифатат дека и македонската нација, како и сите други нации во светот, е родена во историски процес, кој започнал во 19. век и има свои историски корени и свои херои од процесот на нејзиното настанување.

Тие се убедени и тврдат дека современата македонска нација е створена со политички декрет на Коминтерната и на југословенските комунисти, низ процес на  насилна дебугаризација на населението во некогашна Вардарска Македонија и дека таа нација денес нема право да говори за свои историски корени пред конституирањето на македонската држава во 1944 година.

Овој апсурд на бугарските историчари и политичари најдобро го има пародирано еден бугарски сатиричар со својот афоризам кој гласи:

„Според историската наука на Бугарија сите луѓе на земјата потекнуваат од мајмуни, освен Македонците кои потекнуваат од Бугари“.

На крајот од краиштата, разликите меѓу историчарите и политичарите за потеклото на некоја нација и не треба да бидат некој проблем, и можат сите да живеат мирно и спокојно со своето уверување без да се обидуваат на другите да им ја наметнуваат својата вера како единствено исправна и точна. Историјата покажала и покажува дека ако историјата е истовремено и верување во една приказна за настанокот на нешто и некого, две вистини можат да опстојуваат и да бидат толерантни една кон друга.

Најубав пример за тоа е теоријата на Чарлс Дарвин за потеклото на видовите, односно на човекот. Кога се појавува неговата книга „За потеклото на видовите“ во 1859, таа наидува на невиден отпор од стана на Англиканската црква и на тогашната научна јавност. Чарлс Дарвин е изложуван на потсмевање од сите кои не можеле и не можат да прифатат дека човекот не е чедо божје, создадено според ликот на Создателот и тврделе дека тоа што Дарвин го тврди е богохулие, а неговата теорија ја нарекуваат дури и „Евангелие од кал“.

Одговорот на Дравин на тие критики бил дека тој не е атеист и дека ако постои бог и прапочеток на нештата, зошто тогаш таа негова божја креација низ процесот на еволуцијата и природната селекција не можела да го создаде човекот. Кога Дарвин починал, и покрај судирот со Англиканската црква околу „потеклото на човекот“ таа дозволува Чарлс Дарвин да биде погребан во Вестминстерската опатија во Лондон веднаш до гробот на Исак Њутн.

Различните видувања за настаните

Ова само докажува дека две различни видувања за потеклото можат да опстојуваат во толеранција, па и со меѓусебно почитување ако е дозволено секој да верува во она што за него е непроменлива вистина и ако имаат можност на толерантен начин да го управуваат својот живот и да си ја бараат среќата, според вистината во која веруваат.

Во однос на потеклото на македонската нација, ние Македонците имаме различни видувања и интерпретации од Бугарите. И тоа не е ништо ненормално или чудно. Историјата подлежи на преиспитување и промени врз основа на нови сознанија, но  памети и опстојување врз митови, легенди и намерни искривувања и разубавувања.

За нас во Македонија, е важно и тоа што денес и најзакоравените бугарски националисти признаваат дека постои современа македонска нација со свој јазик и култура и историја од 1945 година. Не ни се допаѓа тоа што тие ја поврзуваат нацијата со 1945 година, но како може да им се смени убедувањето на жестоките националисти. Тоа е речиси невозможно.

Нивните историчари и политичари се убедени дека пред 1945 година мнозинското население во денешна Република Северна Македонија било бугарско или, како што велат тие, имало бугарска национална свест. Со каков декрет ние можеме да го промениме ова толкување? Тие тоа јавно го тврдат и докажуваат со научни трудови, документрани емисии, новинарски прилози и го шират преку интернет секаде по светот. Реално, не постои можност и инструмент тоа денес да биде спречено.

Проблемот во односите меѓу двете земји настанува кога бугарското тврдење за потеклото на Македонците се претвора во активна надворешна политика на Бугарија, позната како „политика на будење на бугарската национална свест во Република Северна Македонија“ и надвор од нејзините граници, и политика на оспорување на правото на македонската нација на интерпретација на својата национална историја.

Таа политика на Бугарија овде во Македонија се доживува како „обид за бугаризација“ на населението, па дури и како нова бугарска агресија кон Македонија.

На тие обиди од бугарска страна треба умно да се спроивставиме, укажувајќи дека тие постапки се спротивни на градењето на добрососедски односи.

Мора јавно да потсетуваме на тоа дека за време на Втората светска војна, кога со дозвола на Хитлер на Бугарија ѝ беше дозволено да ја окупира поранешната Вардарска Македонија (а и поголеми делови од Егејска Македонија) тогашната влада на царот Борис Трети имаше на располагање  војска и полиција и администрација со училишта, матични книги и црква за да ја „разбуди“ бугарската национална свест кај населението во Македонија.

Но не само што не успеа во тоа, туку тие обиди уште повеќе ја поттикнаа желбата  на Македонците за слобода и за создавање на своја национална држава. Ако со една окупација во тоа не успеало, како некои замислуваат дека денес, 80 години потоа, тоа може да се случи?

Оттогаш македонската нација се развива слободно и станува јасно дека обидот за „будењето на бугарската национална свест“ кај населението е само штетна политика од страна на Бугарија, која ги одржува во живот големобугарските аспирации кон Македонија.

Стратегијата на Софија

Таа политика речиси и не се чуствуваше до распадот на Југославија и прогласувањето на независноста на Македонија. Но со неазвисноста на Македонија во 1991 година и излегувањето на Бугарија од прегратките на братска Русија, пораснаа амбициите и надежите на Бугарија за „будење на бугарската национална свест“ кај Македонците во Македонија и за „освестување“ на нацијата за нејзините бугарски историски корени.

Долго време се веруваше дека за таа цел ќе биде доволно само програмите на бугарската национална телевизија да почнат да се емитуваат во Македонија, или преку гостувањето на бугарски театри населението да си ги препознае јазикот и културата. Ама, откако преку интернетот сето тоа стана достапно, стана јасно дека Македонците ниту бугарскиот јазик го препознаа како свој, ниту „наменската култура“ за Македонија стекна своја широка публика.

Потоа се засили старата пракса на Матицата на Бугарите во странство да им се обезбедува бесплатно школување на студенти од Македонија во Бугарија кога тие ќе изјават дека имаат бугарски национални корени. Но голем број од тие студенти си ги земаа дипломите и забораваа на изјавите за нивните бугарски национални корени. А кога Бугарија стана членка на ЕУ во 2007 година таа доби нов силен инструмент за „бугаризација“ на македонските граѓани, продавајќи им и поклонувајќи им бугарско државјанство за изјави дека имаат бугарски национални корени. Така таа почна од македонските граѓани, заинтересирани за работа во земјите на ЕУ, да прави бугарски државјани и да почне да верува дека низ тој процес, сѐ додека Македонија не стане членка на ЕУ, ќе може да произведе уште многу Бугари кои стануваат легални мигранти во земјите на ЕУ.

Најфарсичен потег на Бугарија беше кога на македонските граѓани кои учествуваа во спасувањето на бугарските туристи од потонатиот брод во Охридското Езеро им беше речено дека за награда ќе им бидат доделени бугарско државјанство и пасоши, односно дека од Македонци ќе ги направи Бугари.

Доказот за тоа дека тие не остануваат во Македонија и ниту се чуствуваат како Бугари е што од над 100 илјади граѓани со бугарско државјанство и пасоши во Македонија, кои имаат право да гласаат за избор на партии во бугарскиот парламент, а меѓу кои се и припадниците на бугарската етничка заедница во Македонија, на последните избори на 27 октомври гласале само 372 лица.

Кога Бугарија стана членка на ЕУ сфати и уште една важна работа. А тоа дека има можност како членка на ЕУ да ја блокира Македонија на тој пат сѐ додека Македонците не ги признаат своите бугарски национални корени преку Историската комисија и сѐ додека не остават простор во Македонија за „слободно манифестирање на бугарската национална свест“ и јавно промовирање и славење на личности кои цел живот го посветиле на докажувањето дека не постои македонска нација.

Во Договорот за добрососедство успеаја да ја внесат одредбата за „заедничката историја“, врз основа на која Историската комисија требаше да предложи внесување  корекции во историските учебници на двете земји и да определи личности од заедничката историја што ќе ги сметаме „еднакво важни за двете нации и држави“ и доби согласност за отворање на бугарски културни клубови низ Македонија која ја злоупотреби со тоа што преку своите фондации, политичари и малкумината Бугари во Македонија им стави имиња на Иван Михајлов, кој цел живот го потрошил во убедувањето дека Македонците се Бугари, и Борис Трети, кого Македонците го паметат како окупатор од време на Втората светска војна.

Откако провоцираа неколку инциденти во Македонија и ѝ ставија вето на Македонија за започнување разговори за членство во ЕУ, ја отворија темата за дискримнација на Бугарите во Македонија, за говорот на омраза кон Бугарите, крадење на бугарската историја  и за „незрелоста на нацијата да биде членка на ЕУ“. Истовремено продолжија со бугаризирање и на Македонците од Албанија преку доделувањето пасоши на сите што ќе изјават дека имаат бугарски национални корени и со спречувањето на македонското јазично малцинство во Бугарија да формира своја невладина организација.

Национален договор

Сето тоа доведе до влошување на односите меѓу двете земји. За да докаже дека нема дискриминација на Бугарите по етничка основа во Македонија, владата на СДСМ и на ДУИ  се согласи да ги внесе Бугарите во Уставот, но меѓу Македонците веќе не постоеше голема желба за тоа. Недовербата кон Бугарија и стравот дека и зад тоа се крие некој план за бугаризација на Македонија си го направи своето.

Беа направени и грешки од стана на македонските политичари. Зоран Заев, во надеж дека со еден потег ќе ја одоброволи Бугарија да не нѐ кочи на патот кон ЕУ во интервју беше амбивалентен во одговоротза тоа зошто во Македонија се говори за бугарски фашизам во Втората светска војна и дека тој знае дека Бугарите не се фашисти туку дека тоа била нивната влада од тоа време. Заев не ја одоброволи Бугарија, но го крена гневот во македонската јавност и доведе до формирање нови партии кои го поделија гласачкото тело на СДСМ, а социјалдемократите ги изгубија прво локалните, а подоцна и парламентраните избори.

Бујар Османи отиде во Софија да им се извини на Бугарите за инцидентот со претепувањето на еден член на бугарски клуб во Македонија, за кого Румен Радев, во стилот на „Спасувањето на војниот Рајан“ го прати својот авион да биде пренесен  на лекување во Бугарија.

А новоизбраната претседателка на Македонија Гордана Сиљановска-Давкова, која победи на изборите говорејќи за уцените од Бугарија и дека работите можат да се поправат само со политика на отпор и исправена кичма која ќе ѝ ја врати гордоста на Македонија, исто така, верувајќи дека со еден гест ќе ги подобри односите, отиде во Софија и со ништо непредизвикана им се фрли во прегратки на Илијана Јотова и на Румен Радев, затоа што „со нив имала пријатен разговор“.

И ако продолжи таа импровизација во надворешната политика на Македонија кон Бугарија нема на долг рок да се поправат односите.

Секако не е решение ниту однесувањето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на владата, Александар Николоски. Говорот за „маргиналци, мизерни и нецивилизирани“ може да води само во насока на натамошно влошување на односите.

Решение би било постигнување на „национален договор“ на сите партии за излез од сегашната блокада.

Наш интерес е да почнеме разговори по поглавјата со ЕУ што побргу за да станеме на крајот членка на унијата. Секое подолго останување на Македонија надвор од членството во ЕУ е прилика за Бугарија да прави што поголем број наши граѓани бугарски државјани и да тврди дека ја разбудила бугарската национална свест кај нив.

Од нас и само од нас зависи дали ќе подлегнеме на некој друг притисок од страна на Бугарија и затоа мора да има договор за нашите црвени линии.

Може да биде илузија дека кои било избори ќе сменат нешто кон подобро во Бугарија во однос на Македонија. Единственото прашање околу кое не се разликуваат политичките партии таму е Македонија и нивната историска вистина за нас.

И ако свесно го прифатиме ризикот за внесување на Бугарите во Уставот, ќе можеме да се надеваме дека во натамошните разговори за членство со подршка од сите други членки на ЕУ ќе се бориме поуспешно против секоја можна блокада и уцена од Бугарија.

И на крајот ќе треба да сфатиме. Имаме потпишано договор за соработка и пријателство, но нема договор и пријателство без успешна заштита на своите национални интереси, и без упорно инсистирање другата страна нив да ги почитуваат.

(Ѓорѓи Спасов е универзитетски професор и поранешен амбасадор)