Потегот на Бафет ги урна акциите на кинескиот гигант за е-возила


Познатиот американски инвеститор и сопственик на компанијата „Беркшир Хатавеј“, Ворен Бафет, ненамерно влијаеше на значителен пад на акциите на најголемата компанија за е-возила во Кина – „BYD“.

Акциите на „BYD“ на берзата во Хонг Конг денеска паднаа, откако Бафет, односно неговата компанија го намали уделот во водечкиот кинески производител на електрични автомобили.

Иако „Беркшир Хатавеј“ малку го намали својот удел – од 20,04 проценти на 19,92 проценти – акциите на BYD потонаа за повеќе од 12 отсто за време на тргувањето во средата. Тие беа најлошите резултати на индексот Ханг Сенг, според податоците на Рефинитив. Тие акции, пак, скокнаа за повеќе од 600 отсто во последните десет години, објави Си-Ен-Би-Си.

Според пријавата објавена на берзата во Хонг Конг, „„Беркшир Хатавеј“ продал 1,33 милиони акции на „BYD“ за околу 47 милиони долари; конгломератот сега поседува 218,7 милиони акции.

„Ова е вообичаен тренд за инвеститорите да почнат да извлекуваат готовина од пазарот“, рече Јанг Лиу, претседател и главен директор за инвестиции на Атлантис Инвестмент.

Патем, претходно оваа недела BYD објави силни бројки за првата половина на 2020 година, со нето приход од вкупно 3,6 милијарди јуани (521 милиони американски долари) во периодот, тројно зголемување од една година порано.

На прашањето што значи тоа за кинескиот пазар на електрични возила, Лиу рече дека најновиот потег на компанијата на Бафет може да биде „знак за предупредување дека доаѓа голема корекција на пазарот“.