Посветено работиме да го заштитиме статусот на Охридски регион, вели Костадиновска-Стојчевска


Фото: Б. Грданоски

Работиме активно и интензивно и сите сме на истата страна дека статусот на Охридскиот регион треба да остане заштитен и сите посветено ќе работиме да ги следиме законите и да ги отстраниме сите неправилности кои се јавуваат во овој вакуум период, рече денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа на прес-конференцијата одговорајќи на новинарско прашање потенцираше дека Министерството за култура заедно со сите инволвирани страни последниве шест месеци од оваа година активно работи на ова поле.

-Во последните два месеци имавме интензивни состаноци сите заедно, јас како министерка за култура и како претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, со општните Охрид, Струга и Дебарца, поточно со градоначалниците и нивните тимови за урбанизам, со министерот за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Агенција за просторно планирање, Хидробиолошки завод и Музеј од Охрид. Тимот кој што е во Министерство за култура работи на таа проблематика, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа напомена оти е посветена на изнаоѓање решенија за овој вакуум период, да се изменат и усогласат сите закони кои треба да го регулираат статусот на градење и одржување на Охрид, охридското крајбрежје, како и општините Струга и Дебарца.

-На мое задоволство, сите сме на истата страна дека статусот кој го има Охридскиот регион треба да остане заштитен и дека сите посветено ќе работиме да ги следиме законите. Со Комисијата која е формирана од Министерство за култура ги отстрануваме сите неправилности кои се јавуваат во овој период и работиме на тоа во фебруари следната година да немаме некои непосакувано сценарио. Јас сум уверена дека имаме голема поддршка не само од внатре туку и надвор од нашите партнери, рече министерката.