Построги сообраќајни правила во Црна Гора: Забрана за ноќно возење до 21 година и казни до 400 евра за тротинети
Во Црна Гора денеска стапија во сила измените на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за младите возачи и корисниците на електрични тротинети, повисоки казни и проширени овластувања на полицијата и општинските служби, јави агенцијата МИНА.
Една од најзначајните измени се однесува на возачите на возраст од 18 до 21 година. Тие нема да смеат да управуваат моторни возила од полноќ до пет часот наутро, ниту автомобили од категоријата Б со моќност поголема од 80 киловати, освен ако со нив не се наоѓа искусен возач. За прекршување на овие ограничувања е предвидена парична казна од 300 до 600 евра.
Со измените првпат детално се регулира употребата на лесни електрични превозни средства, вклучително и електричните тротинети. Лицата помлади од 16 години нема да смеат да ги управуваат на јавни патишта, а родителите кои ќе им го дозволат тоа може да бидат казнети со 150 до 400 евра. Забрането е и превезување повеќе од едно лице на електричен тротинет, за што исто така се предвидени санкции.
Законот ги проширува овластувањата на полициските службеници, кои отсега ќе можат привремено да одземат возило од возач што сторил тежок сообраќаен прекршок, доколку во последните две години бил осуден за сериозно прекршување на прописите поврзани со безбедноста во сообраќајот.
Поголеми овластувања добива и општинската полиција, која ќе може самостојно да санкционира непрописно паркирање на улици, тротоари, зелени површини, паркинзи и места наменети за лица со попреченост.
Меѓу повисоките казни е глоба од 150 евра за возење без сигурносен појас и 100 евра за непрописно паркирање. Во вториот случај, општинските полицајци ќе можат да издаваат прекршочни налози и да ги оставаат на ветробранското стакло на возилото.