Постои можност наместо замена на регистарските таблички, да се воведат налепници


Фото: Б. Грданоски

Во Министерството за внатрешни работи (МВР) е формирана работна група која работи на решение за регистерските таблички, кое подразбира почитување на Преспанскиот договор. Се разгледува и опција за налепници што би се налепувале на табличките.
Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Според Радио Слободна Европа, околу 11 милиони евра ќе треба да потрошат граѓаните за замена на сегашните со нови таблички со НМК.

Пред речиси два месеца, односно на почетокот на февруари, МВР соопшти дека до 12 февруари 2024 година граѓаните ќе мора да извршат промена на регистарските таблички со онака „МК“ со ознаката „NMK“.

„Согласно член 27 став (1) алинеја 5 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија” бр. 140/08; 53/11; 123/12; 70/13; 164/13; 138/14; 154/15; 192/15; 39/16 и 161/19) и согласно член 28 од Правилникот за форма и содржина на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици, како и начинот и постапката на нивно издавање („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 293/2020), сите сопственици на регистрирани возила се должни да ги заменат регистарските таблици кои ја содржат буквената ознака „МК“, издадени до денот на отпочнување со примена на овој правилник (15.01.2021 година), односно таквите таблички можат да се употребуваат најдоцна до 12.02.2024 година“, соопшти тогаш од МВР.

Сепак, во интервјуто, Спасовски вели дека ќе се бара решение што е најдобро за граѓаните, при што не се исклучени ни налепниците.

„Мислам дека за кратко време ќе имаме решение кое би било поволно за граѓаните, јас барем така се надевам, а од друга страна, ќе мора да се воведат и норми со строги казни. И налепниците се една од опциите, меѓутоа кога ќе се донесе одлуката, ќе го соопштиме решението на граѓаните. На нас ни е најважно да бидат задоволни граѓаните“, изјави Спасовски.