Постигнат „компромис“ во ЕУ за барањата на Бугарија?

„Политико“ утринава јавува дека на вчерашниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Брисел наводно бил постигнат некаков „компромис“ за да почне првата меѓувладина конференција меѓу Унијата и Македонија. Тоа го изјавил за „Политико“ еден висок дипломат на ЕУ.

Што има во договорот? Според „Политико“ вака наводно изгледа постигнатиот  компромис што го понудила Софија: „Бугарија ќе го признае македонскиот како еден од официјалните јазици и ќе го признае македонскиот идентитет. За возврат, Северна Македонија ќе треба да ја признае ‘историската вистина’, како што е дефинирана од Софија и да признае дека има бугарски темели врз кои е создаден каков било македонски идентитет и официјален јазик“.

Ако ова е „компромисот“, тогаш тоа се, всушност, најголемиот дел од бугарските барања. Но, сепак, нема јасни информации дали е тоа компромис што го понудила Бугарија или некаков заклучок на амбасадорите на ЕУ. Големо прашање е дали македонската страна би ја прифатила „историската вистина“ презентирана од Софија, по општите негативни реакции во јавноста.